Целта на заплените е во случај на војна, оружените сили да имаат пристап до сите ресурси што им се потребни за да ја бранат земјата, се наведува во писмата.
Андерс Јернберг, задолжен за логистиката на војската, предупредува дека потребата за подготвеност за реакција во случај на кризи или војна „драматично“ се зголемила во изминатите години.
Норвешка е во најсериозна безбедносна ситуација по Втората светска војна. Нашето општество мора да биде подготвено за кризи и, во најлош случај, за војна, вели Јернберг.
Норвешка му обезбедува стратегиски важна позиција на НАТО во арктичкиот регион, кој денес се смета за главно поле на судир на интереси на големите сили. Скандинавската земја има копнена граница од околу 200 километри со Русија и многу поголема морска граница.
Норвешкиот министер за одбрана предупредува дека Русија неодамна почнала големо проширување на своите воени бази во арктичкиот регион, со цел да добие целосна контрола и да го блокира пристапот на НАТО до клучните бродски рути.
Русија гради на полуостровот Кола... каде што се наоѓа еден од најголемите арсенали на нуклеарни боеви глави во светот. Тие не се насочени само кон Норвешка, туку и кон Британија и преку северниот пол кон Канада и САД... Ние сме очите и ушите на НАТО во оваа област и гледаме дека тие тестираат ново оружје, на пример хиперсонични ракети и торпеда со нуклеарен погон“, изјави министерот Торе Сандвик за Телеграф.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја смета оваа раздвиженост на Русија во северните води како закана за безбедноста на САД и ја наведува како главна причина за иницијативата за присвојување на островот Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска.
Како аргумент за преземање на Гренланд, Трамп го спомна и тоа што Норвешка одбила да му ја додели Нобеловата награда за мир. Наградата всушност ја доделува Нобеловиот комитет во Осло, кој не е поврзан со владата.
Со оглед на тоа што вашата земја одлучи да не ми ја додели Нобеловата награда за мир, иако запрев 8 и повеќе војни, повеќе не чувствувам обврска да размислувам исклучиво за мирот, иако тоа секогаш ќе биде доминантно, туку сега можам да размислувам за тоа што е добро и правилно за САД, порача Трамп.