Нобел за Трамп, логор за Палестинците

Додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон го предложи Доналд Трамп за Нобелова награда за мир и дискутира за прекин на огнот со Хамас, неговиот министер за одбрана објасни за каков „мир“ се работи. Палестинците од Газа треба да бидат концентрирани во „логор“ во Рафа од кој нема да може да излезат до времето кога ќе треба да бидат депортирани.

Министерот за одбрана Израел Кац им дал инструкции на воените сили да воспостават „хуманитарен град“ во урнатините во Рафа, во кој практично би требало да бидат префрлени сите Палестинци од Газа.

Во новата „безбедна зона“ веќе се концентрирани повеќе од 1 милион луѓе. Според Кац, би требало да бидат префрлени уште 600.000, главно од реонот Ал Муваси. Сите до еден ќе поминат низ строги контроли на безбедносни пунктови за да се издвојат борците на Хамас и другите милитанти. Кога ќе заврши префрлањето, зоната ќе биде запечатена и никој нема да може да ја напушти.

Американскиот план за 60-дневен прекин на огнот во Газа, кој Израел веќе го прифати, ќе биде потребен за да може да почне изградбата на „градот“. Израелската војска ќе го обезбедува периметарот, но нема да биде одговорна за доставувањето хуманитарна помош. Кац побара меѓународни партнери што би помогнале за дистрибуцијата на основни производи и за управување со зоната. Целта на планот е да се ослаби Хамас преку изолирањето и ликвидирањето на неговите лидери, преземање на територијата и демилитаризирање на зоната.

Кац додаде дека Израел не отстапува ни од „планот за емиграција“ и дека премиерот Бенјамин Нетанјаху веќе разговара со земји што се спремни да примат жители од Газа. Никој досега не се согласил.

Откако Доналд Трамп на почетокот на годината предложи голем број Палестинци да ја напуштат Газа за да може да се обнови разурнатата инфраструктура, израелските политичари ја промовираат присилната депортација претставувајќи ја како американски проект.

Зборувајќи од Белата куќа во понеделникот, Нетанјаху рече дека САД и Израел соработуваат со други земји кои ќе им дадат на Палестинците „подобра иднина“.

Ако луѓето сакаат да останат, можат да останат, но ако сакаат да заминат, треба да можат да заминат, рече Нетанјаху спроти свечената вечера со Трамп, на која го предложи американскиот претседател за Нобелова награда за мир.

Професорот Амос Голдберг, историчар на холокаустот на Еврејскиот универзитет во Ерусалим, оцени дека тоа е план за етничко чистење 

Не е ниту хуманитарен ниту е град. Во град имате можности за работа, за заработка, за воспоставување врски и слобода на движење. Постојат болници, училишта, универзитети и канцеларии. Ова нема да биде место за живеење, како што не се ни „безбедните зони“. Ова е концентрационен логор или транзитен камп за Палестинците пред да ги протераат, оцени Голдберг. Тој го отвори прашањето што сега се заобиколува: Што ќе се случи со Палестинците што ќе одбијат да ги следат израелските наредби?

8 јули 2025 - 08:19