Нелегалните царини на Трамп трупаат камата од 23 милиони долари на ден

Американците ќе го плаќаат цехот на царините на Трамп дури и откако Врховниот суд пресуди дека се нелегални. Со неизвршување на судската одлука, Министерството за финансии всушност се обврза да плаќа непотребни камати на приходи од 175 милијарди долари. Ако процесот се оддолжи до крајот на мандатот на Трамп, само на камати ќе мора да плати 25 милијарди долари.

Најголемата штета од оваа трговска војна ќе ја претрпат американските семејства. Лабораторијата за буџет на Универзитетот Јеил пресмета дека царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе според Законот за меѓународни економски овластувања минатата пролет ќе ги чинат американските домаќинства помеѓу 1.300 и 1.700 долари годишно поради тоа што увозниците мора да ги намалат цените за да останат конкурентни на пазарот.

Со новиот бран царини објавен по пресудата на Врховниот суд, економистите предвидуваат дека американските потрошувачи сè уште ќе плаќаат по околу 800 долари годишно.

Федералните прописи наведуваат дека во случај на преплатување на давачки, парите мора да се вратат со камата со дневна стапка од 4,5% за преплатувања поголеми од 10.000 долари, односно за 6% за помали суми. 

Конзервативно користејќи ја пониската стапка, Институтот Като пресметува дека каматата за приходите од 175 милијарди долари што ги собрало Министерството за финансии носи месечна камата од 700 милиони долари, или по околу 23 милиони долари на ден.

Министерството веќе побара од Апелационен суд да се паузира враќањето на средствата за барем 90 дена над вообичаениот период од 32 дена. Ова одложување од најмалку три месеци ќе создаде камата од 3 милијарди долари. 

Не постои формален процес за тоа како парите собрани од царините ќе им се вратат на увозниците. За овој процес ќе одлучуваат пониските инстанци како Судот за меѓународна трговија. Како резултат на тоа, се очекува повратните средства да поминат од 12 до 18 месеци низ бирократски процедури за да стигнат до увозниците, кои дури потоа ќе можат да ги вратат тие пари на потрошувачите. 

Ако, пак, администрацијата продолжи да го одолговлекува процесот до крајот на мандатот на Трамп, како што неодамна навести, трошокот само од каматата ќе се зголеми на 25 милијарди долари.

9 март 2026 - 08:35