Нè има плус 75 милиони

Светот годинава ќе ја заврши со глобална популација поголема од 75 милиони луѓе во споредба со тоа како ја почна, а вкупната бројка на луѓе на планетава веќе е стабилно над 8 милијарди.

Светската стапка на раст минатата година е нешто под 1%, а на почетокот од 2024 се очекува глобалниот просек да достигне 4,3 новороденчиња и 2 смртни случаи на секоја секунда, покажуваат бројките на американското Биро за попис.

Во САД стапката на раст во изминатата година била 0,53%, што е околу половина од глобалната бројка. САД во 2023 додале 1,7 милиони луѓе, за на Нова година да имаат популација од 335,8 милиони.

Доколку продолжи сегашната стапка на раст, САД ќе ја имаат најслабата деценија во историјата со само 4% зголемена популација меѓу 2020 и 2030. До сега најслабата деценија е за време на Големата депресија во 1930, кога растот бил 7,3%.

Во 2024, Американците очекуваат дека од раѓање ќе имаат нов жител на секои 9 секунди, а од смрт еден ќе им оди минус на секои 9,5 секунди. Бројката колку толку ќе ја спасува миграцијата, која ќе придонесе кон раст на популацијата со еден жител на секои 28,3 секунди.

2 јануари 2024 - 12:10