Најбогатите терористи во историјата

Кога не работат на упорно одржување на својот рејтинг како најомразен ентитет во светот по сите можни основи, ИСИС се зафатени со правење пари за финансирање на своето постоење и своите акции. Како што се успешни во првото, така се и во второто.

Моменталната процена е дека ИСИС успеале да наталожат богатство од нешто повеќе од 1,85 милијарди евра.

На пример од продажба на сурова нафта имаат околу 1,4 милиони евра на ден, киднапирањата им носат речиси 43 милиони евра годишно, имаат воведено данок на приходи од 20% на популација од 10 милиони, и контролираат околу 40% од ирачкото производство на пченица.

Нафтените полиња што ИСИС ги освои во Ирак и Сирија, а ги има 10, не само што се извор на приходи, туку ги покриваат енергетските потреби на околу 10 милиони жители на териториите под нивна контрола, плус служат за контрола на нивните непријатели или барем не сојузници кои зависат од нафтата на ИСИС.

На самите бунари, ИСИС на независни трговци им продаваат меѓу 34 и 40 илјади барели сурова нафта дневно. Овие залихи потоа се шверцуваат на пазарот на црно во Турција, Јордан и Иран.

Тие контролираат и девет електрани на сириска територија. И покрај тоа што ИСИС изградија имиџ на кого удрам не жалам, тие имаат прилично внимателен однос кон електраните, да не ги оштетат.

Освен регуларниот данок, ИСИС има воведено и патарини за возилата кои минуваат преку нивна територија, како и данок на шверц на оружје и дрога. Инаку, за секој што сака да ја напушти нивната територија треба да плати данок од 930 евра.

Ваквиот вишок пари, освен за плаќање на сопствените луѓе им служи и за инфилтрирање на противниците. Еден од позначајните дисиденти од ИСИС, неодамна ја опиша нивната стратегија против Слободната армија на Сирија: тие почнува со тренинг на сопствени луѓе кои подоцна ги инфилтрираат кај противникот, при тоа им  даваат 200 - 300 илајди долари, што им се доволни за да дојдат на командно место кај опозицијата.

Според неодамна излезениот Годишен индекс на тероризам, ИСИС е најсмртоносната терористичка организација на светот (на второ место е Боко Харам). Освен 20.000 жртви што ги има предизвикано на бојното поле, ИСИС минатата година имаат предизвикано и 6.037 жртви во 1.071 терористички напад.

19 ноември 2015 - 11:47