Надзор од 60 агли

Кинезите се помирија со тоа дека нивната влада има нарачано и инсталирано 20 милиони камери за надзор низ целата земја. Ама никој од нив не очекуваше дека во Шангај, на еден единствен столб ќе има ставено 60 камери.

Според првите извештаи, на столбот во една од населбите на Шангај некаде до април годинава имало 24 камери, за во последните неколку месеци таму да бидат додадени дополнителни 36.

Локалците не се гневни затоа што владата ги надгледува, бидејќи тоа и онака им следува, туку затоа што властите се расфрлаат со парите, и целата ситуација им изгледа како некој само да сакал да го потроши буџетот.

Подоцна еден новински портал од Шангај ја објави веста дека камерите се инсталирани од тамошната компанија за електрична енергија, како дел од нивните тестови за опремата. По излегувањето на веста компанијата ја извади целата опрема.

Во 2010-та заврши проектот на градските власти за инсталирање 200.000 камери низ Шангај.

11 ноември 2013 - 10:11