„Директно ги прашав членовите на НАТО - дали ќе нè прифатат во алијансата?
Никој не ни одговори.
Сите се уплашени.
Не сакаат да нè примат во НАТО.
А ние не се плашиме од ништо.
Ние не се плашиме од Русија, не се плашиме да зборуваме со Русија за сè: безбедносни гаранции од наша страна и неутрален статус, но какви гаранции ќе имаме ние?,“ порачува Зеленски.
Во подоцнежното обраќање тој изјавува дека е во Киев не заминува од таму (и покрај препораките од Западот):
„Јас останувам во главниот град со мојот народ, моето семејство исто така е во Украина. Има информација дека непријателот ме означил мене како мета број 1, а моето семејство - мета број 2,“ изјавил Зеленски.
Во обраќањето Зеленски најавил дека ќе спроведе и општа мобилизација во Украина на сите мажи од 18 до 60 години.
Украина побарала од Турција да го затвори Босфор и Дарданелите за сите руски воени бродови. Ова е одбиено од турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу со објаснување дека и во случај Турција да ги затвори двата премина за воените бродови, Русија ќе има право да ги користи двата премина за враќање на флотата во својата база, како што предвидува конвенцијата за користење на Босфор.
Некаде околу 22 часот ноќеска на барање на францускиот претседател телефонски се слушнале Путин и Макрон. Рускиот претседател дал детално објаснување зошто Русија ја нападнала Украина, а Макрон сите критики што ги имал околу започнувањето операцијата. На крај двете страни се договориле дека и понатаму ќе ги одржат контактите.
Во текот на вечерта не се случиле некои позначителни стратешки придвижувања или промени на теренот.
Некаде околу 4 часот наутро соборен е авион над Киев, а остатоците удрија во неколку станбени блокови. За сега не е познато за чиј авион станува збор. Други извештаи за експлозијата тврдат дека се работи за руска ракета пресретната од украинската одбрана
На 26 километри од Киев, во близина на градот Ирпин украинската армија почна со рушење на мостови како би се спречило или барем забавило напредувањето на руските сили кон главниот град.
Харков, во близина на северната украинска граница со Русија, во кој вчера на кратко влегоа руски сили утрово е речиси целиот празен од цивили, а според снимки од социјални мрежи на улиците на градот се распоредуваат украински оклопни возила и ракетни фрлачи.
Граѓаните на Харков уште од вчера на пладне почнаа да се симнуваат во подземното метро на градот, кое е замислено и како скривница, за да се скријат од борбите во и околу градот.
Едно од главните боишта во текот на вечерта е аеродромот Антонов на 15 километри од Киев. Откако во текот на денот беше освоен од руски падобранци, Зеленски вети дека украинските сили ноќта ќе го ослободат. Утрово се уште се води борба околу аеродромот, а според руските медиуми падобранците го чекаат пристигнувањето на руските тенкови и оклопни возила. Евентуалното задржување на аеродромот ќе констатно пренесување на руски сили во близина на главниот град и драстично ќе ја олесни операцијата на руската армија за влегување во Киев.
Во меѓувреме за прв пат и во градот Лвив, на крајниот запад од Украина речиси на границата со Полска, се огласија сирените за напад.
Утрово во близина на Киев веќе е забележана огромна колона војска и воена опрема со обележјето на „Z војска“.
Британскиот министер за одбрана утрово изјави дека вчера загинале 450 руски војници. Тој одбил да се спроведе зона на забранети летови над Украина бидејќи за тоа ќе треба „да испратам британски авиони директно против руски авиони. НАТО ќе треба да прогласи војна против Русија. Затоа што тоа ќе се случи.“
Министерството за одбрана на Украина објави дека во киевското предградие Оболон веќе влегле руски сили кои се судриле со украинската војска. Тие ги повикаа граѓаните да прават Молотови коктели и да се борат против руската армија.
Облон е на 9 километри од Украинскиот парламент, сместен во Печерск. Нешто поблиску е плоштадот Мајдан во реонот Шевченко.
Како одговор на вчерашните британски санкции против Аерофлот, денес руските власти ги забранија летовите од сите британски авио-компании над рускиот воздушен простор. Забраната опфаќа и слетување и транзит.
Министерството за внатрешни работи на Украина на својот Телеграм канал објави кратко упатство за правење Молотови коктели, а веќе се појавија и снимки како властите им делат оружје на граѓаните на Киев.
По вчерашното освојување на згаснатата нуклеарна централа во Чернобил денес руското министерство за одбрана, објави дека операцијата ја преземале за да се осигураат дека „националистички групи и други терористички организации нема да ја искористат ситуацијата во земјата за да предизвикаат нуклеарна провокација“.
Во 10:30 утрово Асошиејтед прес објави дека за прв пат се слушнале пукотници во близина на владините згради во Киев.
Акцијата во Киев во која беа убиени руски диверзанти снимена од локалците:
Централната банка на Русија објави дека картичките издадени од повеќе руски банки (ВТБ, Совкомбанк, Новикомбанк, ПСБ и Откритие) заради санкциите повеќе нема да може да се користат на сервиси како Епл пеј и Гугл пеј.
На прес-конференција од утрово Сергеј Лавров порача дека самиот Зеленски цело ова време ги пропуштал шансите за преговори, но и дека никој не планира да ја окупира Украина, туку целта на операцијата е „демилитиразација и денацификација“.
Лавров објави дека не постои шанса Русија да ја призне сегашната влада на Украина како демократска.
Денес Лавров потпиша и договор за взаемно отворање дипломатски претставништва на Русија во ДНР и ЛНР.
Зеленски во ново обраќање го повика Путин да седнат на преговори:
„Сакам уште еднаш да му се обратам на претседателот на Русија. На целата територија на Украина се бијат битки. Ајде да седнеме на преговарачка маса да го запреме губењето животи.“
Кинеските медиуми објавуваат дека Путин во разговор со Ши Џинпинг порачал дека е подотвен за разговори на високо ниво со Украина. Според нив Путин изјавил:
САД и НАТО долго време ја игронираат разумната руска загриженост околу безбедноста, постојано повлекувајќи се од своите ветувања, и продолжувајќи со воено напредување кон истот, предизвикувајќи ги стратешките црвени линии на Русија.
Русија е волна да одржи преговори на високо ниво со Украина.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во пладневното обраќање објави дека главниот град на Украина влегол во одбранбена фаза.
„Градот влезе во одбранбена фаза. Во делови од градот се слушаат пукотници и експлозии. Украинската војска ги неутрализира руските саботери. Непријателот веќе е во Киев. Мораме да ја одбраниме престолнината што непријателот сака да ја клекне на колена и да ја уништи!,“ порачал Кличко.
Портпаролот на Путин, Дмитри Песков, пладнево порача дека Кремљ е спремен да испрати делегација во Минск за преговори со украинските власти.
„Како што знаете претседателот на Украина, Зеленски објави дека е подготвен да разговара за неутралниот статус на Украина. Од почеток, рускиот претседател Владимир Путин изјавуваше дека целта на операцијата е да им се помогне на ЛНР и ДНР преку демилитаризација и денацификација на Украина. Тоа е интегрален дел од неутралниот статус.
Во овој контекст, и како одговор на предлогот на Зеленски, Владимир Путин е подготвен да испрати руска делегација во Минск на ниво на претставници на министерството за обрана, министерството за надворешни работи и од претседателската администрација на преговори со украинската делегација,“ ја пренесува Интерфакс изјавата на Песков.
Во известувањето од Киев Си-ен-ен директно во програмата го и поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, кој е во Киев како дел од територијалната одбрана учествува во одбраната на градот.
Фајненшл тајмс пишува дека санкциите на ЕУ против Русија за прв пат ќе опфатат и директно санкицонирање на Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Санкциите ќе се однесуваат на нивниот имот, не и на можноста за патување во странство.
Руските сили околу Херсон, на југот на Украина во близина на Крим, се подготвуваат за јуриш на градот:
Украинската армија треба да изврши пуч врз „бандата наркомани и неонацисти кои се забарикадирале во Киев и го држат цел украински народ како заложник,“ порача Путин во телевизиското обраќање до украинските сили.
Тој обвини дека следбениците на Степан Бандера и неонацистите „поставиле бројно тешко вооружување вклучително и ракети системи во урбаните центри“ на градови како Киев и Харков.
„Тие се однесуваат како сите терористи низ светот, криејќи се зад народот со цел да ја обвинат Русија дека предизвикува жртви меѓу мирната популација.
Се знае дека ова се случува по препорака на нивните странски консултанти, пред се американските советници“.
Повикувајќи ја војската да ја преземе власта во своите раце, Путин порача:
„Повторно им се обраќам на припадниците на украинските вооружени сили: не дозволувајте неонацисти и бандеристи да ги искористат вашите деца, жени и возрасни, како жив штит.
Ќе биде полесно за нас да се согласиме со вас отколку со грст наркомани и неонацисти“
Советот на Европа ја суспендираше Русија заради инвазијата на Украина.
Зеленски вечерва објави видео од Киев, каде потврди дека останува во градот и учествува во неговата одбрана заедно со украинскиот премиер и уште неколку високи украински функционери.