На САД почна да им трепка резервата за бомби

Американската посветеност на Блискиот Исток доведе до неочекуван пад во резервите на воздух-земја муниција на Пентагон. Нормално дека ќе надоместат, ама не оди тоа така брзо.

Во буџетот на Пентагон за 2017-та влезена е нарачката за 45.000 паметни бомби.

"САД одржуваат прилично стабилна залиха на бомби и проектили за сите можни воени сценарија. Ама две и пол години борба со ИСИС и претходно континуираното бомбардирање на Авганистан ги надминаа проекциите за потрошувачка на муниција," објаснува одбранбениот аналитичар, Роман Швајцер.

Моментално во Сирија и Ирак, САД користат ласерски и ГПС наведувани проектили од неколку различни типови кои чинат од 25.000 до речиси 400.000 долари.

За разлика од ова, на почетокот од кампањата американската морнарица користеше Томахавк проектили, чија цена е 1 милион долари од примерок. Процената е дека стратегијата се промени бидејќи главната намена на овие проектили е за ситуации кога немаш осигурено воздушна доминација, па не сакаш да ризикуваш воени авиони од десетици милиони долари. Бидејќи САД и сојузниците го контролираат воздушниот простор, тие можат да си дозволат нивните авиони да летаат ниско и во близина на метите.

Од почетокот на 2015-та, САД во Сирија и ИСИС имаат фрлено над 20.000 наведувани бомби и проектили. Освен бомбите што сами ги трошат, во мај 2015-та Американците одобрија продажба на бомби и проектили на Саудијците во износ од 1,3 милијарди долари, за надополнување на нивните испразнети резерви од бомбардирањето во Јемен.

Инаку во случај на некоја хипотетичка закана за САД и прогласување на воена состојба, Швајцер објаснува дека нема потреба од паника бидејќи тогаш инстантно би се вовело 24-часовно производство во 3 смени дневно.

12 април 2016 - 13:30