На младите Грци не им се мрда од кај мама и тато

Грците и Хрватите не се баш млади кога ги напуштат родителите и формираат сопствен дом. Во просек тоа го прават кога ќе навлезат во четвртата деценија. Влијание за ова има силната традиција повеќе генерации да живеат во еден дом, но главната причина е поскапувањето на станбениот квадрат и кириите. Секое трето семејство во Грција троши за домување 40% од заработеното.

Просечната возраст на која младите во ЕУ ги напуштаат домовите на своите родители е 26,3 години, покажуваат новите податоци од агенцијата Евростат. Споредено со лани, на самостоен живот се решаваат еден месец порано, но просечната возраст варира низ годините, под влијание од економската ситуација, како и поради вонредната состојба што ја наметна пандемијата на ковид-19. 

Традиционално, свој дом најрано формираат младите во скандинавските земји. Во Финска на тоа се решаваат на просечна возраст од 21,4 години, во Данска на 21,7 и во Шведска на 21,7 години.

На другата крајност, Хрватите, Словаците и Грците не се баш во категоријата „млади“ кога го напуштаат домот во кој израснале. Хрватите заминуваат на возраст од 31,3 години, Словаците на 30,9, а Грците на 30,7 години. На границата помеѓу третата и четвртата деценија се оние во Италија и во Шпанија.

Главен фактор за заминувањето секогаш била цената за изнајмување станови и економската моќ на родителите да им купат дом на своите деца. Во 2024 година 9,7% од младите низ Европа живееле во домаќинства што за домување издвојувале повеќе од 40% од вкупните приходи. Разликите тука се поизразени. Трошоците за домување се преголем товар за 30,3% од семејствата во Грција, а само за 3% во Словенија или 2,8% на Кипар.

Хрватска отскокнува. Таму младите заминуваат најдоцна, иако само 2,1% од семејствата трошат по 40% од приходите на домување.

Грција е типичен пример на земја во која економската ситуација ги спречува младите да формираат свој дом. Дури и за време на длабоката рецесија од претходната деценија, просечната возраст на напуштање на домот се движела од 28,3 до 29,4 години. Постојано се зголемува од 2012 година. Мажите сега заминуваат на возраст од 32,4 години, а жените на 28,9.

Трендот кириите да растат побрзо од платите придонесува Грција да биде земја со најгусто населени домови. Независноста и приватноста на младите Грци на возраст од 15 до 29 години сè поретко е ограничена на посебна детска соба. Дури 45,5% од младите луѓе во оваа возрасна група (и 27% од општата популација) живеат во пренаселено домаќинство, што се дефинира како немање една соба за секој полнолетен член на семејството. На ниво на ЕУ само 26,5% од младите живеат во пренаселено домаќинство, односно 16,9% од општата популација.

24 септември 2025 - 12:49