На американските градови засолништа ко им се смачи да бидат засолништа

Градоначалникот на Њујорк, еден од најголемите градови засолништа на мигранти во САД, повика на укинување на градовите засолништа низ САД бидејќи веќе не се издржува, а и мигрантите кои им пристигнуваат не се како што ги мислеле.

Њујорк и државата и градот, со години беа едни од главните критичари на политиката на американските држави на јужната граница во однос на мигрантите и блокирање на влезот на истите, по што југот почна редовно да им испраќа нелегални мигранти.

180.000 мигранти подоцна, и преполни училишта (и таму сместуваат мигранти), хотели и центри за згрижување, градоначалникот Ерик Адамс предупреди дека напливот на нови луѓе ќе го уништи градот и најави радикална промена на политиката.

Пред да се случи ова, Њујорчани на средби со градоначалникот последниве недели го „испржија“ Адамс околу константното насилство од мигранти кое се случува во градот и посебно нападот врз двајца полицајци од страна на нелегални мигранти, кои само неколку часа по апсењето беа ослободени со кауција, што го прославија покажувајќи среден прст пред камерите на излегување од судница.

„Треба да го измениме законот за градови засолништа и ако направиш прекршок или насилно дело треба да можеме да те предадеме на сојузните власти и да те депортираат,“ изјавил Адамс.

Сегашната пракса е дека властите во градовите засолништа не смеат да поставуваат прашања  за миграцискиот статус на поединци или истиот да им го откриваат на федералните власти.

Во овие градови полицијата не смее да уапси никого што е нелегален мигрант, а градските власти нема да соработуваат со истрагата на имиграциските власти освен ако нема судска наредба за тоа.

Во 2021, Адамс за време на својата кампања за градоначалник на Њујорк инсистираше „мора да ги заштитиме нашите мигранти и точка. Њујорк ќе остане град заштитник под администрацијата на Адамс.“

Неодамна Адамс го објави својот план на секое мигрантско семејство во градот со две деца под 17 години да му исплаќа по 15.700 долари годишно директно на кредитна картичка, или некои си 53 милиони годишно.

Моментално над 560 американски сојузни држави, градови и општини се имаат себе си прогласено за засолништа. Токму овие локации се константно таргетирани од гувернерите на американските сојузни држави од југот за препраќање, со автобуси или авиони, на илјадници нелегални мигранти кои ја минуваат границата.

1 март 2024 - 15:19