Многу технолошки компании декларираат дека сакаат да го подобрат светот, а потоа се стремат кон максимизирање на приходите. По тој пат тргна и Опен АИ, иако беше основана како непрофитна организација, чиј одбор презеде невообичаена должност да ја штити безбедноста на човештвото пред успехот на компанијата, дури и ако е загрозен нејзиниот опстанок.
Колку што директорот Сем Алтман е заслужен за стотиците милијарди што инвеститорите ги вложија во Опен АИ, толку е одговорен за напуштањето на основните начела на компанијата. Главниот мотив, според неговите соработници, не му се парите, туку да поседува моќ.
Најголемата сила на Сем Алтман отсекогаш била неговата способност да убеди различни групи дека она што тој го сака и она што им треба се едно исто, пишуваат Ронан Фароу и Ендрју Маранц за Њујоркер, по серија интервјуа со шефот на Опен АИ и негови поранешни и актуелни соработници.
Заклучуваат дека во уникатен историски момент - кога јавноста е претпазлива кон возбудата од технолошката индустрија, а креаторите на вештачката интелигенција се преплашени од нејзината моќ – Алтман усовршил апокалиптична реторика за да објасни како ВИ може да нè уништи сите и дека затоа токму тој мора да ја изгради.
Низ целото свое минато во Силициумската долина, уште пред да го формира сегашниот гигант Опен АИ заедно со Илон Маск и Иља Сутскевер, тој манипулирал со соработниците, клиентите и финансиските извори за да обезбеди инвестиции и владини договори. Додека јавно се залага за построго регулирање на развојот на вештачката интелигенција и предупредува дека таа може да достигне ниво на закана за човештвото, тивко лобира за демонтирање на границите и самиот ги отфрла неопходните системи за безбедност.
Некои лаги, без оглед на ризиците, може да донесат предности, своевремено изјави Алтман.
Кога неговото манипулативно однесување ги преминало сите пишани и морални граници, Управниот одбор го отпушти од Опен АИ „затоа што не бил искрен во комуникациите“. Алтман се повлекол во „воен бункер“ и поминувал по 12 часа дневно на телефон за да ги убеди инвеститорите дека без него на позицијата ќе ги изгубат десетиците милијарди долари што ги вложиле во компанијата.
Веднаш тргнавме во војна, изјави подоцна Џош Кушнер (братот на Џаред, зетот на Трамп), чија компанија Thrive требало да затвори голема инвестиција во Опен АИ.
По само пет дена, војната заврши со оставки во Управниот одбор и враќање на Алтман на главната позиција. Единствениот услов на одборот бил да се спроведе истрага за обвинувањата против Алтман. Никогаш не била спроведена.

Оттогаш, Опен АИ стана една од највредните компании во светот. Опен АИ сега се подготвува да ги понуди своите акции на берзата, со почетна јавна понуда од 1.000 милијарди долари.
Алтман го промовираше растот на Опен АИ со визија за „чудесни триумфи, од поправање на климата, градење вселенска колонија до откривање на целата физика“, како што напиша во блог во 2024 година. Всушност, тој управува со изградбата на огромна инфраструктура за вештачка интелигенција, дел од неа концентрирана во странски автократии. Опен АИ добива големи владини договори и има влијание врз поставувањето стандарди за тоа како ВИ се користи за спроведување на законите за имиграција, домашниот надзор и автономното оружје на бојно поле.
Њујоркер интервјуирал повеќе од сто луѓе со искуство од прва рака за тоа како Алтман води бизнис: сегашни и поранешни вработени и членови на одборот на Опен АИ; гости и вработени во куќите на Алтман; негови колеги и конкуренти; негови пријатели и непријатели и неколку луѓе кои, со оглед на платеничката култура на Силициумската долина, биле и двете.
Повеќето го делат мислењето на Сутскевер и Амодеј: Алтман има неуморна волја за моќ што го издвојува дури и меѓу индустријалците кои ги ставаат своите имиња на вселенски бродови. Тој не е ограничен од вистината. Тој има две особини кои речиси никогаш не се гледаат кај иста личност. Првата е силна желба да им се угоди на луѓето, да биде сакан во која било интеракција. Втората е речиси социопатска негрижа за последиците што можат да произлезат од измамите, пишува Њујоркер.