Неолиберализмот копнее по капитализмот во што е можно почиста форма. Како економска филозофија - бескрајно повторувана и од меинстрим економисти - таа проповеда мерки на штедење, приватизација, дерегулација, отворање на домашните пазари за странска конкуренција, намалување на државниот апарат, "ослободување на пазарот" и други потези кои, според неа, се клучот за здрава економија со перспективи за одржлив развој.
Ама сега, врни истражувачи од Фондот кој со децении ги нуди или пак ги наметнува ваквите мерки заклучуваат дека "бенефитите од некои политики кои играат важна улога во неолибералната агенда се преценети."
Во таа агенда се чини има аспекти кои не вродуваат со плод и не ги даваат посакуваните резултати, заклучуваат тие во студија објавена во кварталниот магазин на ММФ.
Анализирајќи ги клучните канони на неолибералната политика какви што се мерките на штедење и отстранувањето на рестрикциите за капиталот, тие признаваат дека дошле до "три загрижувачки сознанија."
Прво, неолибералните политики многу малку резултираат со развој.
Второ, неолибералните политики ја зголемуваат нееднаквоста.
Трето, нееднаквоста знае да отиде до такви нивоа што самата почнува да станува пречка за одржлив развој.
Инаку, до 70-тите години, неолиберализмот се наоѓаше на маргините на економските теории и него го проповедаа пазарни фундаменталисти како Милтон Фридман и Фридрих Хајек. Но, последниве децении тој е една хегемонистичка идеологија која со стап и морков ја спроведуваат меѓународните финансиски шерифи како што е ММФ и Светската банка.
Ваквите признанија од самите редови на ММФ се шокантни исто како Папата да соопшти дека не постои Бог, пишува Салон.