Милиони долари за празната база за мигранти во Гвантанамо

Кога Доналд Трамп го почна вториот мандат вети дека во морнаричката база Гвантанамо на Куба ќе бидат префрлени 30.000 мигранти. Таму сега има едвај 32 мигранти и 22 пати повеќе војници и службеници за да ги чуваат и да ги хранат. Само за транспорт со воени авиони биле потрошени повеќе од 20 милиони долари. За шатори кои воопшто не биле поставени уште 3 милиони.

Повеќе од 40 милиони долари Пентагон потрошил на базата во Гвантанамо за привремено сместување нелегални мигранти, која според најавите требаше да има капацитет од 30.000 луѓе, а во која никогаш немало повеќе од 200.

Над 21 милион долари биле потрошени само за транспорт на мигрантите, персоналот, опремата и намирниците. До април биле префрлени вкупно 497. Повеќето таму поминале само по неколку дена или недели.

Сега во центарот има само 32 мигранти за депортација, а за нив се грижат 725 лица, главно униформирани војници и стотина службеници од Службата за имиграција – по 22 за секој мигрант. 

Во податоците што Пентагон му ги доставил на Конгресот е наведено дека секој час од летовите на воените транспортери со мигранти и персонал чинел по 26.277 долари. За 46 летови во времетраење од 802 часа и 30 минути биле потрошени 21.087.300 долари. До 25 март со воени авиони биле префрлени 715 патници (мигранти плус персонал) и 1.016 тони разни видови товар. Потрошени биле уште 1,67 милион долари за изнајмување на авиони на Јунајтед ерлајнс (660.000 долари) и Омни ер (500.000 долари) за префрлање на персонал.

Уште 3 милиони биле потрошени за набавка и транспорт на шатори, кои никогаш не биле поставени затоа што немало потреба.

Демократи ја осудуваат иницијативата на Трамп како скапа политичка акробација. Сенаторите Гери Питерс и Алекс Падилја побараа од Трамп да ѝ нареди на Канцеларијата за владина ефикасност да отвори истрага за можна измама или злоупотреба.

Нема збор дека насилните криминалци треба да бидат депортирани, но оваа мисија се спроведува сомнително и е неодржливо скапа, забележаа сенаторите.

Пентагон објави дека го зголемува капацитетот на центарот, поради што Командата за воен транспорт наредила по уште еден лет неделно.

Висок офицер изјавил пред Сенатот дека за да може да бидат префрлени 30.000 мигранти под шатори во Гвантанамо, Пентагон би морал да мобилизира повеќе од 9.000 војници. Односот од еден војник на тројца или четворица мигранти бил стандардизиран пред триесетина години кога таму биле префрлани мигранти од Куба и Хаити пресретнати на море во обид да пристигнат во САД. Тогаш центарот со шатори бил дефиниран како „мисија за хуманитарно спасување“.

12 мај 2025 - 15:45