На Европа во еден момент ѝ се случи бриселските бирократи и политичките фактори да застанат зад една крајно радикална зелена агенда со која политичарите порачаа дека ја гледаат зелената иднина подобро и појасно од сите претприемачи или научници и на тој начин ја спречија природната конкуренција во барање решенија за забавување на глобалното затоплување.
Тие рекоа до 2035 година иднината мора (мора?!) да биде електрична, притоа игнорирајќи ги сите можности за комбинирање на различни технологии како можеби поефикасно решение во споредба со е-возилата. На пример јапонските научници веќе некое време постојано докажуваат дека јаглеродниот отпечаток на сите средни и поголеми е-автомобили е поголем од оној на автомобилите со хибриден погон.
Во меѓувреме, се појавија сосема нови типови на мотори со внатрешно согорување кои ја носат приказната во нова димензија, но главните политичари и бирократијата на ЕУ продолжија цврсто да ги затвораат очите пред фактот дека состојбата во европската автомобилска индустрија е трагична.
Таа беше принудена да прави безумни агресивни инвестиции во производство на е-возила, е-пазарот почна сериозно да забавува и покрај огромните субвенции а „политичарите-визионери“ продолжија со нивната климатски неефикасна зелена репресија.
На состанок со италијанската индустриска комора, Џорџа Мелони, избегнувајќи да навлегува во сивите зони дали климатската криза е измислена, вештачка или слично, прецизно порача дека зелената агенда на ЕУ „не е баш паметна стратегија“.
Таа јасно оцени дека зелената транзиција „не смее да значи уништување на илјадници работни места или демонтирање на сегменти кои овозоможуваат богатство и вработеност.“
Со тоа, најпрецизно од сите ЕУ премиери, Мелони даде досега најсилен знак да се дигне рачна и ЕУ да го исправи кривиот пат.
Тоа дојде во момент кога Германија, Италија па и источноевропски земји како Чешка (која произведува автомобилски компоненти) се погласно бараат ревизија на ЕУ правилата за емисија кои во суштина значат забрана за продажба на нови мотори со внатрешно согорување од 2035 година.
„Европа ја губи веродостојноста на целите кои сака да ги постигне“, рече германскиот министер за сообраќај, Волкер Висинг.
Аналитичари предупредуваат дека наметнувањето на политички агенди како неприкосновени вистини, само ќе доведе до понатамошно слабеење на умерените а јакнење на радикалните партии, патоказ кој неодамна го покажаа изборите во Германија.