Законот предвидува посебни услови за припадниците на народот Сахрави родени во Западна Сахара пред 29 септември 1977 година. Тие би можеле да аплицираат за државјанство преку „натурализација“, без законската обврска да живеат во Шпанија. Децата на оние чии барања ќе бидат одобрени би имале одреден временски период во кој и самите би можеле да побараат државјанство.
Се проценува дека правото на државјанство опфаќа 80.000 Сахравијци, но според весникот „Ел Паис“, може да се прошири на 200.000 луѓе кои живеат во Западна Сахара, во бегалските кампови во соседен Алжир и во дијаспората низ Европа, како и на нивни потомци. Шпанското државјанство би им овозможило слобода на движење низ Шенген-зоната, како и пошироки права за живеење, студирање и работа во ЕУ.
Западна Сахара, на африканскиот брег на Атлантскиот Океан, беше под контрола на Шпанија сè додека Мадрид не ги повлече своите сили во 1976 година. Законот е претставен како обесштетување за Сахравијците кои биле родени под шпанска власт, но останале без државјанство.

Ова не е вообичаена административна отстапка за стекнување државјанство, туку историска репарација. Иако задоцнета, бидејќи народот на Сахара чека на неа повеќе од 50 години, изјави Брахим Хамејада, директор на Академијата „Унамуно“ во Дахла.
Иницијативата за доделување државјанство уште повеќе ги разгорува политичките тензиите во Шпанија по масовниот наплив на 72.000 мигранти во нејзината северноафриканска енклава Сеута при крајот на јули. Неколку илјади се уште не се вратиле. Шпански десничарски партии ги обвинуваат властите во Рабат дека ја оркестрирале инвазијата заради политички цели.

Законот, исто така, носи ризик од нов дипломатски судир со Мароко. Околу 80% од поранешната шпанска колонија Западна Сахара сега е под контрола на африканското кралство, кој ја смета за дел од својата суверена територија. Другите 20% се под контрола на фронтот Полисарио, кој се залага за независна држава на Сахравијците.
Предлог-законот, поднесен од владејачката коалиција на чело со социјалистите, во Долниот дом доби поддршка од неколку регионални и националистички партии. Десничарската партија Вокс беше против. Предлогот сега оди во Сенатот. Мнозинството таму го контролира Народната партија, која се воздржа од гласањето во Долниот дом на парламентот.
Социјалистичката влада на Шпанија лани ја вознемири цела Европа кога најави легализирање на 500.000 мигранти. Проценката беше потфрлање. Доби 1,3 милиони барања за доделување документи за престој и работа, од кои се очекува да бидат одобрени 900.000.
Во 2022 година Мадрид усвои закон со кој им се доделува шпанско државјанство на потомците на Шпанците што избегале од земјата за време на Граѓанската војна (1936–1939) и на диктатурата на генералот Франциско Франко (1939–1975). Опозицијата го обвинува социјалистичкиот премиер Санчез дека ја искористил оваа мерка за да го зголеми избирачкиот список со луѓе од Латинска Америка.
Врховниот суд оваа недела привремено го суспендираше правото на глас на дел од корисниците на ова право во пресрет на општите избори следната година, барајќи дополнителни докази за нивните врски со жртвите на репресијата.
******
Види и: Во Сеута останало „најлошото од најлошото“
Шпанија ги легализираше мигрантите, сега ѝ ги префрла на Европа