На раб на катастрофа:

Во Сеута останало „најлошото од најлошото“

Еден месец откако повеќе од 70.000 мигранти упаднаа во шпанската енклава Сеута, овој мал град во Северна Африка сè уште е на работ на катастрофа, бидејќи таму сè уште се наоѓаат „најлошите од најлошите“. Градот се соочува со речиси секојдневни изливи на насилство, вклучувајќи десетици случаи на сексуални напади, каменувања на воени патроли и кражби.

Иако повеќето од десетиците илјади мигранти што влегоа во Сеута веќе се вратиле во Мароко, во оваа шпанска енклава сè уште престојуваат меѓу 3.500 и 7.000 луѓе, од кои многумина живеат во импровизирани населби на плажата.

Главната обвинителка на Сеута, Силвија Рохас, изјави дека е забележан „експоненцијален пораст“ на кривични дела како што се сексуалните напади. Шпанското Министерство за еднаквост потврди 21 случај на сексуален напад во текот на изминатиот месец, од кои девет биле извршени врз малолетници. Шпанската министерка за еднаквост, Ана Редондо, ги осуди сексуалните напади, но истовремено предупреди да не се генерализира.

Постои ризик ситуацијата да ескалира во насилство. Оние „понормалните“ веќе заминаа, додека останаа најлошите од најлошите“. Полека, но сигурно, им ги снемува парите што ги донесоа од Мароко. За нив, надополнувањето на кредитот за мобилен телефон е витална потреба, што може да ги наведе на непромислени постапки... Накратко, само прашање на време е кога ќе се случи трагедија, изјавија експерти за јавна безбедност за весникот Ел Мундо.

Зголемен е и бројот на кражби. Двајца државјани на Мароко моментално се во затвор откако украле пари и документи.

Салвадор Ортега, жител на Сеута, изјави за „Дејли мејл“ дека состојбата значително се влошила во текот на изминатиот месец.

Постои голема тензија меѓу жителите и натрапниците. Имаше судири меѓу некои жители и мигранти, како и вандализам и инциденти што бараа интервенција на безбедносните сили, предупредува Ортега.

Од минатата недела се регистрирани четири последователни напади врз војници. Во четвртокот, патрола беше нападната од заседа со фрлање големи камења врз нивното возило, при што беа повредени четворица војници. Уапсени беа дванаесет осомничени. Во петокот, воена патрола пријави дека биле фрлани шишиња со корозивна течност, а во саботата, уште една воена патрола беше нападната од заседа со камења, при што беше ранет еден војник. Во неделата, Граѓанската гарда уапси тројца мигранти откако фрлија шишиња со корозивна течност врз армиска патрола.

Исто така, изби насилство меѓу мигрантите и жителите на Сеута, додека тензиите во енклавата растат. Минатата недела, локалното население упадна во импровизиран камп за мигранти и го запали.
На видео-снимките се гледа како илјадници локални жители упаѓаат во кампот, ги фрлаат личните предмети на мигрантите во водата, пред да развиорат шпански знамиња. Гневни локални жители го запалија и кампот лоциран на плажата, пред полицијата да постави бариера меѓу демонстрантите и мигрантите.

Хуан Вивас, шефот на локалната власт во Сеута, изјави дека мирните протести против мигрантите се оправдани, но дека секој чин на вандализам ќе биде осуден.

Во меѓувреме, десничарските партии побараа од владата веднаш да ги собере мигрантите и да ги врати во нивните матични земји.

Локалецот Ортега вели дека невраќањето на луѓето ги охрабрува да останат во градот подолго време.

Многумина од оние што се криеја во шумските предели или привремено престојуваа во приватни домови, почнаа слободно да се движат низ улиците. Ситуацијата бара итен, транспарентен и координиран институционален одговор кој ќе ги гарантира правата и достоинството на оние што пристигнале, но и безбедноста, социјалната хармонија и правата на жителите на Сеута“, вели Ортега.

2 септември 2026 - 09:27