
Првиот ваков камп се наоѓа на ограден паркинг во близина на еден од автопатите во Источен Холивуд. Капацитетот му е 70 шатори, а секое кампинг место е со големина 3,5 х 3,5 метри, и сето ова го чини градот по 2.663 долари месечно од место.
Во склоп на кампот има и три оброци на ден за бездомниците и 24-часовно обезбедување.
Местата немаа фиксен сопственик туку ги зафаќа кој како дојде, а секој од бездомниците при влегување е заведен во националната база за спојување на луѓе без дом со социјални служби и ресурси за домување.
Целта на паркот е да се намали бројот на шатори кои непрестајно никнуваат по јавните простори на градот од паркови, до подвозници и тротоари сред град.
Главниот проблем со програмата е цената на нејзиното чинење, односно 2.663 долари по човек месечно. По оваа цена градот плаќа поскапо отколку што би плаќал за кирија за еднособен стан во Лос Анџелес.
Друг проблем е што градот инвестира блесави суми на пари (2.663 х 70 = 180.410 долари месечно), на краткорочни решенија наместо да се фокусира на долг рок.
Оправданието на градот е дека и кога луѓето им спијат по улици и тротоари, и тоа го чини градот пари по основа јавна безбедност, полиција, пожарна, брза помош, болници, затвори.
Рокот на траење на проектот е крајот на 2021, кога се планира на местото на паркингот да започне изградба на зграда.