Лондон ќе почне да наплаќа за гужва и од електричните возила

Бидејќи буџет од некаде треба да се полни, а народ сериозно се навлече на екологија, Лондон ги укина субвенциите за електрични возила за бесплатно возење низ центарот на градот. Од 2026 и електричните ќе треба да плаќаат по 15 фунти на ден за да возат во центарот.

До сега електричните возила имаа повластена стапка од 10 фунти годишно за возење низ центарот, што требаше да помогне и за популаризирање на овие возила и причина плус за жителите на Лондон да се префрлат на струја.

Градските власти објаснуваат дека главната цел на давачката е да се олесни гужвата во централната зона на британската престолнина, а попустот за електричните возила бил само привремена мерка.

Пред некое време Британија ја надмина границата од 1 милион електрични возила на своите улици и патишта, а се проценува дека само во Лондон има околу 100.000 електрични возила.

Сето ова ја прави оваа група на возила атрактивен неискористен извор на дополнителни приходи за градскиот буџет.

Британските власти во 2022 го укинаа грантот за купување електрични возила, а од април 2025 и електричните возила ќе треба да плаќаат данок за патишта како и обичните автомобили.

Пред некое време, откако буџетот сериозно им настрада заради преголем број на електрични возила кои не учествуваат во данокот на горива што го плаќаат возачите на дизел и бензински автомобили, Калифорнија почна да размислува за воведување на давачка за сите видови возила без разлика на моторот, која би изнесувала 3 центи за милја. Калифорнија во моментот има околу 1,2 милиони електрични возила.

10 јули 2024 - 10:39