Лавров: За Мосул да не ќутите

Во Мосул цивилите гинат во воздушни напади, а до сега од градот избегаа повеќе цивили отколку за време на ослободувањето на Алепо - зошто медиумите не пишуваат за тоа, а Алепо го следеа секојдневно, е коментарот на рускиот министер за надворешни работи, околу ситуацијата во Ирак.

Фотографија од Мосул по бомбардирањето на џамија во западниот дел на градот, на 2-ри март годинава

"Оние кои ги видоа сликите од Мосул не можат а да не бидат напнати... Дефинитивно повеќе цивили избегаа од Мосул отколку од Алепо за време на ослободувањето," изјавил Сергеј Лавров.

Според изворите што ги пренесува РТ во операцијата на ирачката армија и коалцијата предводена од САД, за неполн еден ден во воздушни напади во Мосул се убиени околу 300 цивили.

"Зошто меѓународните медиуми не спомнуваат цивилни жртви во Мосул? За Алепо се известуваше речиси секој ден," порачува Лавров.

 Рускиот министер алудира на речиси 24-часовниот пренос од ослободувањето на Алепо што го вршеа западните медиуми, каде жртвите и бегалците беа мерени и објавувани со педантност и редовност на НБА пренос. Притоа носечката поента на западните медиуми беше дека сириско-руското ослободување на Алепо достигнува ниво на хуманитарна катастрофа, за операција која се случи речиси 6 години по почетокот на војна што комплетно расели цела држава и до темели ја потресе Европската Унија.

     

****

реакција од читател:

https://off.net.mk/vesti/svet/lavrov-za-mosul-da-ne-kjutite

Ова е одличен пример за post-truth „новинарство“ oд телевизијата која мисли дека е доволно да го облече рувото на BBC за да стане „иста како BBC само од другата странаа“.

Испотената журка на предрасудите и глупостите почнува уште во самиот наслов:

„Лавров: за Мосул да не ќутите“

Не само што никој не ќути за Мосул, туку се работи за веројатно една од најдетално известувачки покриените воени операции во историјата. Покрај редовните извештаи во медиумите, постои и е*ана интерактивна мапа на која во секој момент можат да се следат најновите случувања, покриени со сведочења, фотографии и видео.

Ако тоа е „ќутење“, јас сум Саманта Фокс.

Одиме понатаму:

Лавров: „Дефинитивно повеќе цивили избегаа од Мосул отколку од Алепо за време на ослободувањето.“

Лавров, согласно со новокомпонираната суперпопуларна доктрина на изнесување „алтернативни факти“, оправдано смета дека просечниот анти-западно настроен функционално неписмен папагал нема да ги провери фактите. Но, ние - малцинството кое очајно се обидува да биде објективно и кое смета дека објективни факти постојат - ги проверивме, при тоа забележувајќи го следново:

Во АЛЕПО, од декември 2016 до денес:
30.000 загинати
130.000 бегалци (бројка од сириската влада, податок лесно достапен на интернет)

Во МОСУЛ, од октомври 2016 до денес:
2.000 загинати
меѓу 15.000 и 40.000 бегалци, што е БАРЕМ три пати помалку отколку во Алепо. (бројките се од Ирачката влада и UNHCR, податоци лесно достапни на интернет)

Дали Лавров гледа нешто што останатите не гледаат? Или измислува?

Лавров: „Зошто меѓународните медиуми не спомнуваат цивилни жртви во Мосул? За Алепо се известуваше речиси секој ден,"

Меѓународните медиуми не само што спомнуваат цивилни жртви, туку тие можат да бидат следени мање-више рилтајм.

За Алепо се известуваше повеќе затоа што беше значајно поголем судир, со околу 10 ПАТИ (тое цел ред величини!) повеќе загинати и најмалку 3 пати повеќе бегалци.

Ова е класичен пример на „оптеретено прашање“, слично на „те знаат ли дома дека си педер“: прашање кое во себе содржи лажна теза која треба да се протури, дека „меѓународните медиуми“ не спомнувале цивилни жртви. Глупости.

Oваа плиткоумна фасцинација со РТ како некаков „баланс“ на вестите од „западот“ е штетна и треба веднаш да запре. Тоа е лажен, а не вистински баланс. Вистински баланс треба да биде новинатство повеќе објективно, а не помалку објективно од „западното“. Иронично, РТ го надминува CNN во пристрасноста.

Не случајно РТ е на речиси секоја листа на tin foil hat извори кои просто треба да се избегнуваат. Не случајно е барабар со infowars, globalresearch.ca итн.

Филип Видиновски

               

15 март 2017 - 15:22