Латино жени го буткаат Тексас - десно

Левицата се обиде да ги освои срцата на Латиносите измислувајќи им родово неутрален „латинкс“, велелепна утка за која многумина од нив и немаат слушнато, не па да се идентификуваат со тоа. Десницата има поинаква стратегија: жени од народот, запознати со проблемите на луѓето, горди што се латино, но уште погорди што се Американки.

Моника Де ла Круз, Мајра Флорес и Андриен Пена Гарза, се нови политички ѕвезди од јужен Тексас и сите го носат бајракот на Конзервативната партија.

Доаѓаат од областа Хидалго во која Трамп во 2016 освои едвај 30% од гласовите. Во реонот постојат области во кои конзервативците немаат победено со свој кандидат преку 100 години.

На последните избори направија пресврт па нивни профили беа правени и на Њујорк Тајмс и Вашингтон пост. Нивниот успех беше дел од поголемиот бран во кој Трамп, од сите демографски групи, најголем продор успеа да направи токму меѓу латино гласачките.

Демократите го одработуваа јужен Тексас со клише политика и партиска структура затворена за нови лица, додека луѓе како овие три жени упорно работеа на терен и пред да бидат забележани.

Во предизборните спотови адресираа неколку поенти важни за гласачите, нагласувајќи го својот американски идентитет.

“Јас сум Моника Де Ла Круз и сум Американка. Како мајка, ги учам моите деца да ги почитуваат правилата, исто како што ме учеше мојата баба која ЛЕГАЛНО имигрираше од Мексико. Но Џо Бајден нè напушти и нас и границата, оставајќи простор за дроги, банди и насилство“.

Латино републиканките најмногу енергија посветуваат на прашањата кои според сондажите им се најважни на луѓето од јужен Тексас: економијата и здравството, но не молчат и за границата па Мајра Флорес побара дури и војска за да се заштити Тексас од југ.

Накратко, сите тие се горди на своето латино наследство но „Америка на прво место.“

Во Тексас, кадешто хиспано популацијата е на пат да стане најголема етничка група, привлекувањето на хиспано гласовите е прашање на политички опстанок. Латино конзервативките го знаат тоа и смело одат и против Демократите и против долго негиваниот имиџ на нивната партија дека во суштина се работи за „клуб на бели мажи“.

20 февруари 2022 - 14:26