Курдите го украле оружјето од САД за иранските демонстранти?

Уште додека Виткоф и Кушнер наводно преговараа во Женева со ирански функционери за нуклеарната програма на Техеран, САД организирале ирански опозициски групи да кренат масовен бунт и да го соборат режимот. Сепак, операцијата тргнала наопаку. Оружјето, испратено преку курдски посредници, никогаш не стигнало до револуционерите.

Кога Доналд Трамп еден месец пред војната ги охрабруваше иранските демонстранти да се кренат на масовен бунт за да го соборат режимот во Техеран, на ум го имал оружјето што САД тајно им го испраќале преку курдските сили во регионот. Не знаел дека нема да стигне до нив.

Трамп ги обвини курдските бунтовници дека го задржале оружјето за себе.

Им испративме многу оружје, го испративме преку Курдите... Мислам дека Курдите го зедоа оружјето, изјавил Трамп во разговор со Треј Јингст од Фокс њуз.

Трамп не кажал кога почнала операцијата за вооружување на демонстрантите. Протестите во Иран почнаа при крајот на минатата година, поради инфлацијата и поскапувањата – во голема мера предизвикани од санкциите од САД. Протестите набрзо прераснаа во масовен бунт против владата. Иранскиот режим брутално ги задушуваше, но Трамп ги охрабруваше демонстрантите да го продолжат притисокот и им ветуваше дека САД ќе им помогнат.

Ако теократскиот режим убива мирни демонстранти, што е нивен обичај, САД ќе им дојдат на помош, порача Трамп на 2 јануари.

Две недели подоцна тој повторно ги охрабри демонстрантите: „Преземете ги вашите институции... Помошта е на пат“.

Трамп му рекол на Јингст дека иранските владини сили убиле „повеќе од 40.000 цивили“, без да наведе докази што би го поткрепиле ова тврдење.

Признанието на Трамп за испраќањето оружје ги потврдува претходните извештаи дека ЦИА работела на вооружување на иранските Курди. Откако почна војната, Трамп на 5 март рече дека би било „прекрасно“ ако групите на иранските курдски од Ирак ја преминат границата и ја нападнат иранската влада. Неколку дена подоцна, тој беше повнимателен.

Ние имаме многу пријателски односи со Курдите, како што знаете, но не сакаме да ја направиме војната посложена отколку што е веќе. Јас го исклучив тоа. Не сакам Курдите да влезат, изјави Трамп.

Некои курдски групи ги оспорија обвинувањата дека го украле оружјето за соборување на иранскиот режим.

Не добивме никакво оружје за време на демонстрациите во Иран, изјави Хеџар Беренџи, претставник на Демократската партија на Ирански Курдистан (PDKI). 

6 април 2026 - 08:54