Платформата GovGreed изградила систем за машинско учење во кој биле внесени сите тргувања со акции на 540-те активни пратеници во двата дома на Конгресот. Потоа било анализирано дали секој од нив имал влијание врз акциите што ги продавал или ги купувал преку пристап до информации што не се објавени за јавност или преку учество во комисии.
Резултатите се неверојатни: 56% од сите тргувања со акции во изминатите 16 месеци биле директно засегнати со закони за кои конгресмените подоцна гласале. Тоа се 6.170 од вкупно 11.016 зделки.
Од вкупно 540 членови на Конгресот, 343 активно тргуваат со акции додека имаат пристап до информации од законски регулативи недостапни за јавноста. Тоа значи дека 63,8% од целиот законодавен дом настапуваат на пазарите со информациска привилегија за која кој било менаџер на хеџ фонд би завршил во затвор.
GovGreed идентификувал 752 активни „тројни сигнали“ кога се исполнуваат три услови одеднаш: политичарот е член на комитетот што контролира закон, тргувал со акции во компанија засегната од тој закон и добивал придонеси за кампањата од истата индустрија.
Додека оние што тргуваат со акции од индексот S&P 500 се на пат да остварат добивка од 10,8% во целата 2026 година, конгресмените што тргуваат со акции оствариле добивка од 10,2% во период од 30 дена.
Лиза Меклејн, републиканка од Мичиген, за три години има направено 1.443 тргувања. Таа два пати во една година го прекршила Законот против инсајдерско тргување – поради тоа што тргувала со акции од 900.000 долари неколку месеци по законскиот рок и поради тоа што нејзиниот сопруг купил акции од 250.000 долари во xAI на Илон Маск пред да се претворат во акции на SpaceX.
Казната за ова била 200 долари.
Поранешната спикерка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси има портфолио за тргување проценето на 194 милиони долари. Системот со ВИ покажал коефициент на инсајдерство од 98,1%.
Откако во 2012 година беше воведен Законот против инсајдерско тргување (STOCK) немало обвинение против ниту еден член на Конгресот.
Во јануари годинава во заедничка иницијатива од двете партии беше поднесен предлог-закон (SITA) за забрана на конгресмените да тргуваат со акции додека се на функција. Анкети покажаа дека 80% од граѓаните го поддржуваат законот. Но, блокиран е поради амандмани и партиски расправи и сè уште не е закажано гласање. Комитетот за домашна безбедност на Сенатот паралелно турка уште построг закон (HONEST), кој би требало да ги опфаќа и функционерите од извршната власт.