Кој што прави, Трамп дава интервјуа за книги

Доналд Трамп има дадено најмалку 22 интервјуа за 17 различни книги од моментот кога излезе од Белата куќа, и уште има автори што чекаат на ред за разговор.

Бројот на идни книги на тема Трамп им е исклучително важен на неговите советниците кои тоа го толкуваат како доказ за интересот за 45-от американски претседател, што подоцна ќе сакаат да го преточат во номинација за Трамп на следните претседателски избори.

Спастрен во одело и вратоврска, Трамп во просек минал околу 90 минути со секој од авторите, од кои дел биле поканети ако сакаат да останат на вечера во Мар-а-лаго, каде што се одржувале интервјуата.

Интервјуата главно се официјални, што значи дека цела следна година, кога се очекува излегувањето на книгите, Трамп ќе биде константно цитиран на најразлични теми. Шпекулацијата е дека „секој од авторите добива нешто посебно“ како информација, и дека добар дел од изјавите ќе завршат на вести.

Се очекува дека Трамп ќе има уште интервјуа со автори, од кои неколку ќе бидат надополнување на претходните разговори, а според Аксиос, Трамп лично бира со кои автори ќе разговара.

Поранешниот американски претседател одбил да се сретне за разговор за книга со легендарниот истражувачки новинар и човекот што го откри Вотергејт скандалот, Боб Вудворд и со новинарот на Вашингтон пост и ЕнБиСи њуз, Роберт Коста.

21 јуни 2021 - 15:18