Антропик пред една недела објави дека развил толку моќен модел со ВИ, што не може да го претстави на широката јавност. Причините биле очигледни.
На првичното тестирање, инженерите на Антропик без формална обука за безбедност побарале од Митос преку ноќ да пронајде слабости во системите. Следниот ден ги пречекал со кодови. Пронашол илјадници дупки во сите познати системи и прелистувачи, дури и во старите и во најбезбедносно зајакнатите што некогаш биле изградени. Направил функционални алатка за извршување далечински код за неавторизиран пристап каде било на интернет. За вакви наоди вообичаено се потребна неколкунеделна работа на елитни истражувачи на безбедност.
Наместо да го објави Митос, Антропик го лансираше проектот Гласвинг - најстрого контролирана одбранбена програма во која им даде ограничен пристап на Amazon, Google, Apple, Microsoft, CrowdStrike фондацијата Lynux, Nvidia, „JP Morgan“, други големи банки и десетици компании за кибернетска заштита, за да ги скенираат сопствените системи со Митос и да ги закрпат дупките колку што е можно побрзо.

Антропик вчера објави и нова верзија на моделот Клод Опус, прилагодена за тестирање на кибернетските способности на Митос во помалку моќни системи.
Клод Митос бил една од главните теми на состанокот на Меѓународниот монетарен фонд пред неколку дена во Вашингтон.
Секако дека е доволно сериозен за да го привлече вниманието на сите министри за финансии. Ормускиот теснец е голема закана, но знаеме каде е и колку е голем. Со моделот на Антропик не знаеме со што се соочуваме. Ова бара големо внимание и заштитни мерки за да ја осигуриме отпорноста на нашите финансиски системи, изјави канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ.

Гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, изјави за ББЦ дека развојот на моделите со ВИ мора да се сфати многу сериозно.
Мораме многу внимателно да разгледаме како развојот на вештачката интелигенција може да се одрази врз ризикот од кибернетски криминал, изјави Бејли.
Претседателката на Антропик, Даниела Амодеи, потврди дека компанијата рано ја информирала администрацијата за потенцијалниот проблем: „Владата мора да знае за овие работи“.
Белата куќа итно им наложи на сите федерални агенции да почнат да го користат новиот модел на Антропик, иако пред само два месеца го стави Антропик на „црна листа“ поради спорот со Пентагон.

Меморандум на Кабинетот за управување и буџет утврдува строги протоколи за безбеден пристап, ракување со податоци и ограничувања на користењето на Митос за сопствените дигитални ресусрси. Фокусот е ограничен на откривање на ранливости, зајакнување на мрежата и одбранбена подготвеност.
Некои критичари укажуваат дека повлекувањето на Митос можеби е комерцијален трик за да се создаде возбуда. Во единствниот независен извештај за способностите на моделот, Британскиот институт за безбедност на вештачка интелигенција, кој доби пристап до ограничена верзија на Митос, оцени дека „не е драматично подобар“ од својот претходник, Клод Опус 4.