Најмалку 100.000 пердувести регрути ќе бидат испратени во Пакистан со цел справување со наездата на пустински скакулци. Според кинеските научници патките се „биолошко оружје“ и можат да бидат поефикасни од пестициди.
Нивната математика е дека само една патка може да изеде над 200 скакулци на ден, помножи тоа со 100.000 и ете ја победата.
Обуката и првите тестови на патките наскоро ќе започнат во западна Кина, а во втората половина од годината се очекува да бидат испратени во Пакистан.
Наездата започна во источна Африка и од таму таа ја прекри јужна Азија, уништувајќи ги сите можни посеви пред себе. Кога влегоа во Пакистан и нешто помалку во Индија, Кина вклучи аларм бидејќи има незаштитена копнена граница со двете држави. Освен патките, друг столб на одбраната на Кина се Хималаите, кои претставуваат природна (и ненадминлива) бариера со дел од индискиот потконтинент.
Додека Кинезите да ги спремат патките, пакистански медиуми пренесуваат дека тамошните власти им препорачале на своите граѓани да почнат да ги јадат скакулците, и тоа предложиле да биде како дел од скара или во кари.