
Десетици кинески невладини организации регистрирани во Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева прикриваат дека се финансирани од кинеската влада или од Комунистичката партија, се наведува во извештај на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ).
Со зголемената бројност групите поддржани од Пекинг ги задушуваат и ги заплашуваат критичарите што укажуваат на репресии во регионите Тибет и Ксинџијанг и против демократските активисти во Хонг Конг.
Анализа на ICIJ покажува дека од вкупно 106 кинески невладини организации акредитирани во ОН, повеќе од 50 во сопствени документи се обврзале на лојалност или добиваат значителни суми за финансирање. Претседатели на 46 невладини истовремено биле на функции во кинеските државни или партиски агенции. На најмалку 10 главен извор на финансирање им е владата.
Обединетите нации уредно ги одобруваат акредитациите на невладините од една од своите најмоќни членки. Кина презема сè поголем дел од буџетот на ОН и е една од петте постојани членки на Советот за безбедност.
Би било проблематично ако Канцеларијата за човекови права на ОН почне да прави разлика помеѓу „автентични“ и „неавтентични“ невладини организации, бидејќи тоа може да биде злоупотребено како алатка од страна на државите, објаснува портпаролката Равина Шамдасани.
Лани 33 кинески невладини организации се појавиле на речиси 300 седници на ОН во Женева. Анализа од независна непрофитна група покажува дека во ниту едно од сведочењата немало тврдења што би можеле да се толкуваат како критички настроени кон Кина.
Бројот на кинески организации во ОН е речиси двојно зголемен од 2018 година, кога беше изготвен првичниот извештај за кршењето на човековите права на малцинските Ујгури во регионот Ксинџијанг.
Поалармантен тренд, велат активисти, се вознемирувањето и заплашувањето на членовите на организациите што ги претставуваат Ујгурите, Тибетанците и дисидентите од Хонг Конг. Тие се жалат дека биле физички напаѓани и биле фотографирани, иако тоа е забрането без претходно одобрение при официјални постапки пред ОН за да се спречат одмазнички дејства.