
Едната информација е дека Кина веќе ги обработува сите можни локации за стационирање во Авганистан за најразлични потреби, и го разгледува испраќањето на војска, економски промотори и работници, чија главна цел е засилување и поддршка на „Појас и пат“ иницијативата, на која отворањето на Авганистан значително ќе им заврши работа. Другата информација е демант за ова од кинеското министерство за надворешни работи.
Сомнежот во искреноста на демантот на Кинезите се базира на тоа што „Кина сигурно е желна да стигне до што и да е што САД оставиле во базата“.
Базата и авионската писта, која се наоѓа на еден час од Кабул, првично е изградена од СССР за време на нивната окупација на Авганистан. Во пикот на американската окупација на Авганистан, ова беше еден од најфреквентните аеродроми во светот.
Американците преку ноќ ја напуштија базата во јули, без воопшто за тоа да им кажат било што на владините сили. Авганистанскиот генерал кој ја презеде базата изјави дека за повлекувањето дознале дури два часа подоцна кога Американците им се јавиле од аеродромот во Кабул. Додека да се распореди авганистанската војска да ја обезбедува базата, крадци веќе еднаш го имале преорано комплексот собирајќи тоа што им се видело највредно - од лаптопи до оружје.
Во базата биле оставени и стотици воени возила и илјадници цивилни автомобили и камиони. Поплаката на авганистанскиот генерал е дека најголемиот дел од нив немале клуч.
Во месеците пред повлекувањето, во повеќе наврати експерти и аналитичари алармираа околу многу веројатната опасност дека Кина полека ќе почне да ги зафаќа сите позначајни локации во Авганистан што Американците ги оставиле зад себе.