
Хонконшката компанија ЦК Хачинсон побара кинески инвеститор да се придружи во конзорциумот купувачи на 43-те големи меѓународни пристаништа што се на продажба, вклучувајќи ги и оние на двата краја на Панамскиот канал.
Досега се преговараше со конзорциум во кој беше и моќниот американски инвеститор БлекРок. Но, под притисок од Пекинг, хонконшката компанија во понеделникот објави дека завршил рокот за ексклузивни преговори со БлекРок, што отвора можност во игра да се вклучи кинескиот ривал Коско.
Иако ЦК Хачинсон, кој управува со каналот од 1997 година, е во приватна сопственост на најбогатиот човек во Хонг Конг, Ли Ка-шинг, американскиот претседател Доналд Трамп го смета Панамскиот канал за „кинески“ и тврди дека му овозможува на Пекинг да го контролира поморскиот сообраќај и да ја проширува својата инфраструктура во латиноамериканскиот свет.
Трамп уште пред да го почне својот втор мандат отворено се закани дека САД мораат да го вратат под свое Панамскиот канал, кој го изградија во 1914 година и го поседуваа се до 1999 година, кога ѝ го предадоа на Панама. Панама инсистира дека има целосен суверенитет врз каналот, иако практично со него управува ЦК Хачинсон.
Кина го управува Панамскиот канал. Ние не ѝ го дадовме на Кина. Ѝ го дадовме на Панама. И ќе го земеме назад, предупреди Трамп.
Предавањето на конзорциум во кој учествува БлекРок беше елегантен начин САД да го преземат Каналот без притисоци или сила. Трамп ја поздрави продажбата, но Пекинг, кој очекува „лојалност“ од хонконшката приватна компанија, ја претстави како „национално предавство“.
ЦК Хачинсон сега објасни дека преговорите со БлекРок се прекинати за да може продажбата да биде одобрена „од сите релевантни власти“.
Аналитичар не ја отфрла можност Кина да прифати компромисно решение – да се откаже од учество во Панамскиот канал, но да добие поголем удел во другите 40-ина пристаништа во 23 земји што ги продава Хачинсон.