Кина ќе даде сè од себе за да биде „посимпатична“

На Кина и е неопходно да создаде имиџ на „доверлива, симпатична и почитувана“ Кина преку унапредување на својот стил на комуникација, порачал главниот меѓу милијарда и четиристотини милиони Кинези претседателот Ши Џинпинг.

Изминативе години кај повеќе држави низ светот почна да се појавува страв и непријатност од силната „волк воин“ дипломатија во која кинески дипломати во одбрана на кинеските интереси во странство почнаа директно да се конфронтираат со своите колеги низ светот.

Имајќи илјадници поговорки и поуки во својата култура околу тоа дека не треба баш на светот константно да му се покажува сила Ши одлучи дека треба да се смири начинот на кој се комуницира со глобалната публика.

„Мора да го најдеме правилниот тон, да бидеме отворено самоуверени но исто така и понизни и скромни, а да се стремиме кон создавање на доверлив, симпатичен и почитуван имиџ на Кина,“ изјавил кинескиот претседател.

Тој објаснува дека иако меѓународниот глас и влијание на Кина се унапредени, има уште многу работа, дополнувајќи дека Кина мора да го унапреди начинот на кој ја раскажува својата приказна за да им помогне на странците да ја разберат Комунистичката партија и начинот на кој таа „се стреми кон среќа за кинескиот народ.“

Александер Певзнер е аналитичар на кинески политички и медиумски комуникации од Институтот за национална безбедност во Тел Авив, според кого рано е да се каже дали коментарите на Ши ќе доведат до помалку наметлив тон на кинеската дипломатија.

„Меѓутоа верувам дека коментарите се показател дека Пекинг е загрижен дека нивниот наметлив тон не и носи нови пријатели на Кина и дека е контрапродуктивен,“ изјавил Певзнер, според кого и меѓу кинеските експерти имало доста критики за „волк воин“ дипломатијата на Кина.

3 јуни 2021 - 13:58