Кина дозволи по три деца

На состанок на Политбирото со кој претседавал кинескиот претседател, Ши Џинпинг, е одлучено дека на секој брачен пар во земјата ќе му биде дозволено да има до три деца.

Потегот е во обид да се запре опаѓачката стапка на новородени и се постарата популација, два фактора кои се закана за долгорочниот економски напредок на земјата.

Од Политбирото најавија и дека Кина „внимателно ќе ја зголеми возраста за пензионирање во неколку фази“.

„Со тоа што на секој пар ќе му дозволиме да има три деца и ќе имплементираме поврзани политики за поддршка, ќе помогнеме во подобрување на структурата на населението,“ пренесува кинеската државна агенција дел од заклучоците од состанокот на Политбирото.

Кина повеќе од 3 децении, од почетокот на 1980, спроведуваше политика на едно дете. Во 2016 кинеските власти дозволија и второ дете, меѓутоа тоа не помогна нешто посебно околу опаѓачката стапка на новороденчиња. Очекувањата се дека и понатамошното олабавување на ограничувањата е малку веројатно дека ќе доведат до одржлив раст.

Во 2020 Кина има 12 милиони новороденчиња, што е на исто ниво како во времето на Големиот глад во 1960-те.

Главен фактор за се помалиот раст на кинеската популација е што народот се навикна и стана се понаклонет кон имање едно дете, чисто затоа што така е полесно, а и поевтино.

31 мај 2021 - 10:10