Планот беше да се патува во провинцијата Хенан и таму да се одржи протест против 2-месечното блокирање на најмалку 178 милиони долари во депозити.
Планот не успеа, откако задолжителните здравствени апликации на голем број од демонстрантите, преку ноќ од зелено почнале да покажуваат црвено.
„Доколку апликацијата не покажува зелено, граѓаните губат пристап до јавен превоз и јавни простори како ресторани и трговски центри, и го губат правото да патуваат низ земјата,“ објаснува Ројтерс.
По неодамнешното повторно избувнување на ковид во Кина, дел од провинциите побараа сите патници он-лајн да ги најават своите планови за патување.
Во сведоштвата што ги пренесува Ројтерс, на жители на другите кинески провинции кои го најавиле своето патување за Хенан, поточно главниот град Џенгџоу, на два дена пред протестот апликациите им станале црвени. Истата блокада им се случила на најмалку 200 комитенти со побарување за одмрзнување на средствата.