Канаѓани не дознаа дека Трудо и надвор го сакаат многу

Светската јавност дозна колку лошо помина канадскиот премиер во Европскиот парламент каде неговата политика беше наречена диктаторска, срамна и опасна за демократијата. Не и Канаѓаните. Ним им беше кажано дека Џастин Трудо добил долготрајни овации. Во салата која беше празна.

Шестмина пратеници и една сенаторка од Ирска, кој од кој поостро го дочекаа доаѓањето на канадскиот премиер во Европскиот парламент и нималку завиено ја опишаа политиката на Трудо како диктаторска, срамна за Канада, опасна за демократските вредности а него самиот го споредија дури со Чаушеску.

Првенствено заради начинот на кој се постави кон протестот на камионџиите, поради тоа што сопоствените граѓани кои не се согласуваат со неговите политики ги означува како терористи, поради донесените уредби по кои нечии пари, заради политички ангажман, можат да се замрзнат без судски налог итн.

Потоа големо мнозинство пратеници практично го бојкотираше неговиот настап, оставајќи го Трудо да рецитира општи рефрени за демократијата и граѓанските права пред речиси празна сала. 

Начинот на кој беше пречекан во Европскиот парламент беше главната содржина на вестите на оние кои го следеа неговото гостување: од австралиски Скај Њуз, преку француски медиуми па до балкански портали.

Не и за канадските медиуми кои претставија поинаква слика. Канадскиот „Национален пост“ во статија насловена како „Обраќањето на Трудо во Европскиот парламент се фокусираше на растечките закани за демократијата“ не напиша ниту збор од она погоре.

Слично на тоа, канадскиот Глобал Њуз посвети сегмент само на зборовите на Трудо, не и на оние кои беа упатени на негова адреса.

„Џастин Трудо говореше околу 20 минути. Негови теми беа зајакнување и поддршка на впечатливата европска сплотеност во поглед на руската агресија,“ издвои од настанот нивниот репортер.

Најјако извести Мјуреј Брустер од CBS кој истакна дека премиерот доживеал „продолжени овации“ од политичарите на ЕУ, иако пленарката беше упадливо празна кога тој говореше.

„Зборувајќи пред полу-празна сала но преполни галерии, Трудо доживеа долги овации кога кажа дека ЕУ и НАТО се пообединети од кога било порано, заради војната на Путин“.

Полу-празна? Видете сами.

26 март 2022 - 14:36