Како Шарон ја користеше архитектурата како оружје

По 8 години во кома почина поранешниот израелски премиер и генерал, Ариел Шарон, кој со години го обликуваше Израел воено, политички и урбанистички. За последниот дел, деновиве зборуваше еден израелски професор по архитектура.

Според Ејал Вајзман, Шарон го гледал израелско-палестинскиот конфликт како урбанистички проблем, и се обидувал така и да го реши.

"Во неговите раце семејните куќи со црвени кровови ги заменија тенковите како основни борбени единици. Куќите беа градени во формација преку целото воено поле, со цел да окупираат ридови, да го опколат непријателот и да ги прекинат линиите на комуникација. Резултатот е серија на преплетени населби, патишта, бариери и воени бази, кои го поделија Западниот брег на неколку изолирани палестински енклави, околу секој голем град. Шарон сакаше да биде фотографиран на градежни локации, како покажува на работните планови или со мапа во рака. Во рацете на Шарон, архитектурата беше продолжување на војната со други средства," објаснува Вајзман.

Шарон овој план го работи уште од времето кога е министер за земјоделие, и го продолжува за цело време додека напредува во политиката и кога стана премиер.

Пред да се фати со архитектонските решенија, Ариел Шарон, неколку децении работи во израелската армија. Тој се појавува во јавноста како водач на единицата 101, која во 50-те е задолжена за терористички напади на цивилни цели, како одмазда за палестинските убиства на Евреите. Подоцна тој учествува во сите можни војни на Израел со Арапите. Во 1973-та тој за прв пат освојува место во Кнесетот.

20 јануари 2014 - 11:00