Како медиумите ја хушкаат Америка на војна со Иран

МинтПрес анализирале како големите американски медиуми ја покриваат јеменската блокада на Црвеното Море и тензиите во тој регион, откривајќи огромна пристрасност. Ситуацијата се објаснува како резултат на агресивен тероризам од страна на Ансар Алах (попознати како Хути), додека САД се опишуваат како неутрален актер со добра волја кој несакајќи бива вовлечен во блискоисточниот конфликт.

Од ноември, Ансар Алах спроведува блокада на израелските бродови кои влегуваат во Црвеното Море во обид да го принуди Израел да го запре теророт врз Газа. Американската влада одбива да го запре геноцидот (види „Америка најде етничко чистење во Судан, ама не и во Газа“).

Ефектот од блокадата беше значителен. Со бродови кои мораат да ја заобиколуваат Африка, големите бизниси како Тесла и Волво објавија дека го прекинуваат европското производство, Икеа рече дека е при крај со залихите а цената на стандарден транспортен контејнер меѓу Кина и Европа е повеќе од двојно зголемена.

Ансар Алах очигледно ја таргетираше слабата алка на глобалниот капитализам.

MintPress анализирале 60 статии на оваа тема, објавени од четири водечки американски медиуми: Њујорк тајмс, CNN, Fox News и NBC News кои заедно, често ја поставуваат рамката за остатокот од медиумскиот систем и се репрезентативни за корпоративниот медиумски спектар како целина.

Како прво, секоја статија во студијата (60 од 60) го користела зборот „Хути“ наместо „Ансар Алах“ за да го опише движењето што учествуваше во јеменската револуција од 2011 година и се крена против владата во 2014 година, преземајќи ја контролата на главниот град Сана, станувајќи новата де факто влада. Огромно мнозинство од нив го доживуваат терминот „Хути“ како погрден термин.

„Хути“ не е нашето име. Одбиваме да се нарекуваме Хути. Тоа е име кое ни го дадоа нашите непријатели во обид да ги оддалечат од нашиот проект широките маси“ вели шефот на нивниот комитет во Јемен.

22 од вкупно 60 статии не го претставуваат Ансар Алах како владина сила, туку како „племенска група“ (Њујорк тајмс), „хаотична но ефикасна бунтовничка организација“ (CNN ), или како „клан на екстремисти“ (NBC News). Во 14 написи директно ги оценуваат како терористи. Израел и неговите дејствија речиси никогаш не се опишани како „тероризам“, и покрај тоа што веројатно многу подобро одговараат на дефиницијата од јеменското движење.

Иако без сомневање бродовите ги напаѓа Ансар Алах, корпоративните медиуми имаат уште еден главен виновник: Иран. 59 од 60-те проучувани написи ги потсетуваат читателите дека јеменската група е поддржана од Исламската Република.

Тоа е точно и овие не го демантираат тој факт ама „зошто овој аспект на приказната треба да се повторува буквално стотици пати е нејасно“, се прашува Алан Маклеод. 

Од стилска гледна точка, постојаното повторување на истата фраза е лоша форма, но тоа истовремено ја изострува потенцијалната поента, дека можеби се работи за  директива одозгора.

Не дека е тоа многу параноично. Во октомври, новиот извршен директор на CNN, Марк Томпсон, испрати меморандум до вработените во кој им наложува секогаш да го користат називот „контролиран од Хамас“ кога зборуваат за Министерството за здравство во Газа и нивните бројки за загинати од израелските бомбардирања. Ова беше очигледно направено за да се поткопа палестинската страна на приказната.

Не само што поентата „Иран мајсторски ги влече сите конци“ била присутна во многу текстови, туку некои медиуми сугерирале дека Техеран гради меѓународна терористичка мрежа или конструира атомска бомба. Целта на сето ова е да се демонизира Ансар Алах и да се засилат тензиите со Иран, што доведе до неизбежни повици за војна.

„САД треба да го нападнат Иран и да го научат на памет“, се велеше во (подоцна променет) наслов на едиторијал на Вашингтон пост.

„Запад можеби нема друга опција освен да го нападне Иран“, напиша неоконзервативниот јастреб Џон Болтон на страниците на Дејли Телеграф.

Болтон е дел од групата наречена „Обединети против нуклеарен Иран“, која од своето основање се обидува да ги убеди САД да го бомбардираат Иран. МинтПрес го имаат профилирано овој сомнителен тинк-тенк.

А американското мешање во Јемен не е од оваа зима. Џо Бајден е четвртиот американски претседател кој ја бомбардирал оваа земја.

„Никој од новинарите кои пишуваат за честите прилики Америка да се вовлече во војна никогаш не се прашаа зошто Кина, Бразил, Индонезија или која било друга слично голема земја не се вовлекуваат во војни како што тоа го прават САД“, пишува Маклеод.

 

8 февруари 2024 - 16:35