„Денешна Германија е најдобрата Германија што светот ја видел“. Така се исповозбуди колумнистот на Вашингтон пост, Џорџ Ф. Вил, пред само пет долги години. Тешко е да се замисли некој - Германец или не- да ги напише тие зборови денес. Канцеларот Олаф Шолц беше понижен на гласањето за доверба и сега Германија се движи кон предвремени избори во февруари.
Економијата едвај да е порасната од 2018 година и се деиндустријализира со алармантна брзина. Тоа отвора стратешки простор за Кина и Русија, што Запад не може да си дозволи да го игнорира.
Во суштината на индустриските проблеми на Германија е електричната енергија, која сега е речиси двојно поскапа отколку во САД, а три пати поскапа отколку во Кина.
Цените растат од раните 2000-ти, но политиката што ја прифати германската влада во 2011 година, после нуклеарниот колапс во Фукушима, ја запечати судбината на нацијата. Застапниците на политиката Energiewende („енергетска револуција“) избуткаа блесава идеја дека Германија може брзо да ги напушти и фосилните горива и нуклеарната енергија без да ја изгуби својата индустриска предност. Тоа беше класично коцкање. Или, уште посоодветен термин во случајов - руски рулет.
Не е само струјата. Во меѓувреме Кина сериозно се трансформираше и веќе не е некој што произведува евтино ѓубре туку е моќен и софистициран конкурент.
Автомобилската индустрија е одличен пример. Само пред неколку години, екипата на Top Gear отиде во Кина за да го исмејува шкартот кој тие го нарекуваа автомобили. Денес нивните коли се меѓу најдобрите и најевтините во светот. А Кина доминира на многу клучни пазари, вклучувајќи беспилотни летала, бродоградба, соларни панели, компоненти на турбини на ветер...
Занимлива алатка на кинескиот развој е системот за заедничко вложување: оние кои сакаат да работат во Кина треба да го споделат своето знаење и технологија со нивните кинески конкуренти. Фаустовска понуда, но десетици десетици високопрофилирани западни компании веќе прифатија, меѓу кои и Фолксваген.
Благодарение на децениските инвестиции во стекнување технологија преку преземања западни компании, индустриска шпионажа и заеднички вложувања, како и дополнителни инвестиции во човечки капитал, Кина сега има свој силен екосистем за иновации за висока технологија. Уште копираат, но тоа е надградено со домашен ум.
Ако Кина е густа со луѓе, уште погуста е со роботи, повеќе од Јапонија и Германија, на пример.
И ЕУ копира, ама доцна и неефикасно. На пример, и таа прибегна кон кинеското правило да се споделува знаењето ако се сака да се работи во Европа. Додека тие тоа го спроведат, европскиот крал на батериите, Нортволк, отиде во банкрот.
Ехо на колапсот на германската индустрија беше пораст на суверенизмот и национализмот. Поддршката на десничарите АфД постојано расте и тоа е втората најпопуларна партија, особено силна на истокот. На другата страна на клатното се левичарите на Сара Вагенкнехт. Полуиранка, поранешен сталинист која себе се смета за „левичарски конзервативец“, Вагенкнехт тврди дека НАТО мора да се распушти и да се замени со колективен безбедносен систем во кој ќе биде вклучена и Русија.
Пред 34 години, германскиот претседател Рихард фон Вајцекер вети дека републиката „ќе му служи на мирот во светот во обединета Европа“.
И мирот и обединета Европа никогаш не изгледале подалечни отколку денес.
********
Види и:
Германија стана пример како не треба
Кина победува а на Запад не му текнува да се преиспита
Европската унија е пред перестројка
Електричната револуција трокира