Како бунтовниците влегоа во дворот на ал-Асад

10 луѓе, неколку месеци планирање и три пати одложување, се главните фактори во вчерашниот атентат на сирискиот Министер за одбрана.

Во нападот на Министерството за одбрана, во кризниот штаб во кој беше собран врвот на сириските безбедносни сили, загинаа Министерот за одбрана, Дауд Рахиџа, шурата на ал Асад, Асеф Шевкат и поранешниот министер за одбрана Хасан Туркмани.

Одговорноста за експлозијата ја превзема Армијата за слободна Сирија, кои порачаа дека атентатот не го извршил бомбаш самоубиец.

Првиот човек на Армијата за слободна Сирија, Риад ал-Асад, од своето седиште во Турција им изјавил на новинарите дека бунтовниците поставиле бомба во просторијата каде што функционерите одржувале состаноци.

"Нападот е дело на баталјонот на Хамза ал-Шухада, сместен во едно од бунтовничките предградија на Дамаск. Во текот на минатиот месец тие го координирале нападот со човек од државните безбедносни сили кој работел во зградата на министерството. Со негова помош во таванот на собата поставија 4 бомби со вкупно 20 килограми експлозив. Бомбата од далечина беше детонирана во 11 часот и 14 минути. Се на се, за операцијата беа потребни 10 луѓе и неколку месеци планирање," изјавил еден од командантите на Бунтовниците.

Истиот човек признал дека до сега три пати ја одложувале акцијата, за да ги погодат правилните услови.

"Не верувавме дека ќе успееме, ама сега конечно го направивме."

19 јули 2012 - 12:56