Се работи за извесен Стивен Линч кој 2 децении соработува со Москва и сега сака да го купи гасоводот. Неговите аргументи пред американската влада се дека американското сопствеништво врз гасоводот ќе обезбеди предност на САД за какви било мировни преговори со Русија за крајот на војната во Украина и е во корист на долгорочните американски интереси.
„Во крајна линија ова е шанса еднаш во историјата за американска и европска контрола над европското снабдување со енергија за остатокот од ерата на фосилните горива,“ изјавил Линч во интервју.
Северен тек 2 е во сопственост на швајцарската филијала на Газпром, која по руската инвазија на Украина поднесе барање за банкрот. Гасоводот е чичка нов и неупотребен, бидејќи беше завршен некаде пред почетокот на војната во 2022, освен дупката направена од украинската саботажа.
Линч уште во февруари побарал дозвола која ќе му овозможи да преговара со руски ентитети моментално под американски санкции. Според барањето, во швајцарската постапка за банкрот Северен тек 2 има цврст рок да го преструктуира својот долг до јануари 2025 или компанијата целосно да биде ликвидирана.
Тој објаснува дека кога војната ќе заврши, како и да заврши, активирањето на Северен тек 2 ќе биде неодоливо за Русија, Германија и остатокот од ЕУ.
Линч во 2022 доби дозвола од САД за купување на швајцарската филијала на Сбербанк.
Инвеститорот тврди дека може да го купи Северен тек 2, проценет на 11 милијарди долари, за евтини пари. Неговото објаснување е дека голем број инвеститори нема да наддаваат за гасоводот заради комплексната геополитика поврзана со него, а дека оние кои ќе учествуваат ќе бидат луѓе на Кремљ, Кинези или други со интереси спротивни на американските.
Процените се дека планот на Линч би можел да добие дозвола само ако новите власти во Вашингтон проценат дека држи неговиот аргумент дека гасоводот ќе може да се искористи како алатка за постигнување на примирје во Украина.