Како Бајден ги извади Леопардите од германските касарни

Од испраќањето на западни тенкови во Украина зависи спречувањето на руската пролетна офанзива и зачувувањето на западната алијанса против Русија, а клуч за западните тенкови да тргнат кон Украина е САД да испрати Абрамси.

Учеството на најголемиот американски тенк на украинскиот фронт ќе биде повеќе симболично отколку што ќе ги покрие вистинските потреби на војната, но е неопходно за Бајден да може да го убеди Шулц да дозволи испраќање на Леопард 2 тенкови во Украина, кои се совршени за тамошниот терен и борби. Шулц од почетокот на војната не сака прв да дозволи негови тенкови да бидат испратени на фронтот бидејќи одбива Германија да биде прва држава што ќе ја предизвика Русија со донирање на нов вооружен систем.

САД и Германија веќе некое време се заглавени во ова натегање, во кое Американците прават сè за да го убедат Шулц да ги пушти Леопардите, без тие да мора испраќаат свои тенкови, додека Германците упорно ветуваат дека Леопардите се подготвени за пуштање, ама чекаат и Американците да одобрат пуштање на Абрамс М1 тенковите.

Натегањето се прекршува по планот на американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен, кој предлага Американците да ветат дека како дел од идната поддршка на Украина во војна која се очекува да трае со години, тие ќе испратат Абрамс тенкови, а Шолц ова да го искористи како покритие и да веднаш да почне на Украина да и ги испорачува Леопардите.

На 25 јануари Бајден објавува дека САД ќе испратат 31 Абрамс тенк во Украина, а Германија даде дозвола за испраќање на Леопард 2 тенкови од своите сили и од арсеналот што го има продадено на сојузничките армии.

Согласноста за Абрамс е последната во серијата ескалации што САД ги има во однос на оружјето што и го испраќа на Украина. На почетокот на судирот, САД се двоумат и пуштаат само одбранбено оружје со краток домет, кое помага во одбивањето на нападот на Киев.

Кога руските сили минатата пролет тргуваат во нов јуриш САД ја испраќа својата најтешка артилерија со која располага.

Вашингтон првично се колеба па потоа попушта и околу ХИМАРС системите кои вршат прецизни напади со голем домет, и ја овозможуваат украинската контраофанзива од есенва.

Есенва Украина прв пат почна посериозно да инсистира на испорачување на тешки тенкови за да ја продолжи својата офанзива. Ова беше прекинато од промената на тактиката на Русите кои почнаа со масовни ракетни и дроновски напади далеку зад фронтовските линии.

На ова Западот реагираше со испраќање на понапредни против-воздушни системи, вклучително и Патриот ракети.

Како што залегна зимата така борбите се смирија, а САД објавија дека ќе почнат со обука на илјадници украински војници за тоа како попаметно да ги напаѓаат руските линии со пешадија заштитена со оклопни возила. Како дел од планот Западот вети и испорака на оклопни возила како американски Бредли, германски Мардер и француски АМХ 10.

Следна желба на Украинците беше тешки тенкови, од класата на Абрамс М1. Прво нешто што предупреди американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, е дека Абрамсите се оперативно и логистички премногу комплицирани за која било друга армија, а посебно за украинската која прв пат би ги добила сред војна. За Остин Украина веќе има доволен арсенал на функционални советски тенкови, што сопствени, што заробени, што добиени од источноевропските членки на НАТО, заради што испраќање на американски тенкови „не доаѓа предвид“.

Како пензиониран генерал кој во војната во Ирак во 2003 раководи со дивизија М1 тенкови, ставот на Остин е дека масовните тенкови за Украинците ќе бидат невозможни за одржување, плус тука е и специјалниот таен оклоп со осиромашен ураниум кој никако не смее да дојде во раце на Русите.

Идентично решен околу тенковите како Остин, само во спротивна насока, е Зеленски кој ги побара тешките тенкови за време на посетата на Вашингтон.

Со намера да се смири малку Зеленски, ветени му се полесни оклопни борбени возила, а Британија ќе испрати 14 Челенџер 2 тенкови, главниот борбен тенк на кралството. Ова ништо не смири туку само ја разгоре дискусијата и тоа во правец на Германија, кај која е клучот за над 2.000 тешки тенкови од моделот Леопард 2. Дел од тенковите се на германска територија, дел се низ светот, главно во Европа, кај држави кои мора да добијат дозвола од Германија за ре-извоз на Леопардите.

Предноста на Леопард во однос на Абрамс во случајов е чисто логистичка. Леопардот е полесен за користење и одржување, го има во голем број и има голем број резервни делови за него, плус соседни држави на Украина се подготвени веднаш да го испратат на военото поле.

Нечкањето околу испраќањето на Леопардите е главно од политичка природа, бидејќи Шолц и Германија за време на целата војна се трудат никогаш да не изгледаат како да ја предводат воената помош за Украина. Германија сега треба да бира меѓу тоа да гледа како ја сметаат за несигурен партнер на западна коалиција против Русија, или како германски тенкови повторно се тркалаат во Европа (и против Русија) за прв пат по Втората светска војна.

Пробивањето на германското одбивање да испрати тенкови во Украина се прави по истата формула по која и Патриот системите стигнаа во Украина. Кога во ноември украински проектил паѓа на полска територија, Германија порачува дека е подготвена да испрати Патриот системи во Украина ако за тоа добие дозвола од САД. На предлогот на Германија се накачува и Полска, преку министерот за одбрана Мариус Блашчак, па потоа и други држави, и по одредено време притисок од западните партнери, САД и дозволува на Германија да ги испрати ПВО системите во Украина

„Кога ќе почнеш да зборуваш за нешто, создаваш тема. Ова го нарекуваме Блашчак ефект,“ објаснува за Вашингтон пост еден полски функционер.

Како што Германија продолжува да се влечка со лиценцата околу тенковите, Поска се заканува дека ќе ги испрати Леопардите што ги поседува и без дозвола од Берлин.

Два дена откако Бајден на 25 јануари потврди дека ќе испорача Абрамс тенкови на Украина, украинското министерство за одбрана на Твитер го напиша својот најкраток твит до сега:

„Ф-16“

31 јануари 2023 - 11:46