"Мораме да ги искористиме сите средства кои ни се на располагање за да ставиме крај на насилството и да го вратиме мирот во регионот," изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на својот говор на итната седница што Советот за безбедност на О.Н. ја свика во врска со американската криза.
Кризата започна пред една недела во Фергусон, изолираното село во Мисури кое од тогаш е центар на тензиите. Државните сили за безбедност пукаа и убија еден невооружен маж, што според регионалните аналитичари предизвика гнев меѓу локалната популација воскреснувајќи ја длабоко всадената поделба меѓу населението. Безбедносните сили на режимот брутално го задушија претежно мирољубивиот протест, што ја продлабочи кризата.
Во изминатите години Америка е во постојана политичка нестабилност и протести, за кои аналитичарите предупредуваат дека можат да создадат плодна почва за екстремисти.
Регионот Мисури, оддалечен од блескавата престолнина Вашингтон е управуван од харизматичниот меѓутоа со постојани проблеми функционер, Џеј Никсон, кој се покажа дека е неспособен успешно да интервенира во немирите, а притоа ја одби понудата за помош од функционерите од централната власт. За работите дополнително да се искомпликуваат, самиот претседател на Америка, Обама по потекло е припадник од малцинството кое протестира во Фергусон, со кој пак владеат припадници на американското мнозинство од "белци."
Аналитичарите кои го проучуваат компликуваниот американски политички систем, во кој сите провинции имаат полу-автономно само-владеење, предупредуваат дека Никсон може да ја искористи шансата и да направи потег против ослабената власт на Фергусон. Локалното законодавство во Мисури е доминирано со опозициски фракции. Иако стравот од војската останува релативно низок, се уште не се знае како сојузниците на Никсон во Вашингтон ќе реагираат ако кризата продолжи.
Сега меѓународните лидери стравуваат дека кризата би можела да се рашири.
"Единственото трајно решение е помирување меѓу американските заедници и зајакнување на безбедносните сили на Мисури," изјави кинескиот претседател Кси Џинпинг во говор од неговата викендица во Хаинан. "Како и да е, ние можеме и трeба да им дадеме поддршка на умерените сили кои можат да ја стабилизираат Америка. Заради ова ние ќе продолжиме да бараме поширока стратегија која ќе ги поттикне Американците да се спротивстават на кризата."
Коментарите на Кси се сметаат за индикација дека Кина ќе почне да вооружува умерени фракции во Мисури, во надеж дека тие ќе успеат да ги совладаат силите на режимот и ќе спречат ширење на екстремизмот. Непознат број на воени "советници" од курдските Пешмерга веќе допатуваа во регионот за да помогнат во стабилизирање на безбедноста. Од почетокот на кризата, продажбата на оружје во САД бележи раст.
Аналитичарите предупредуваат дека насилството би можело да се прошири и кон нафтените региони како Оклахома, па дури и да го наруши снабдувањето на Америка со суровини за пиво, што би можело да создаде плодна почва за екстремизам. Иако се уште не се знае дали ал-Каеда има воспоставено свој центар во Мисури, нејзините лидери претходно навестуваа дека таму имаат регрути.
Иако Мисури во странство е познато по постојните тензии и бруталните одговори на режимот, странските посетители и понатаму се пречекани топло и домаќински. Преполн со природа и мини-пивари, Мисури е сместен во централниот регион на САД, кој Американците го нарекуваат "Среден Запад" иако тој е многу поблизок до истокот на земјата.
Меѓу Американците е познат како домот на Марк Твен, провинцијален писател од малата, но сепак локално доста ценета, писателска култура на земјата; како местото од каде потекнува Бадвајзер, традиционален американски алкохолен пијалак. Самиот Бадвајзер сега го поседува белгиска компанија, што е знак за тоа како глобализацијата ги трансформира дури и најдалечните области на САД. Аналитичарите тврдат дека некои американски заедници започнаа да запаѓаат во проблеми откако заради глобализацијата се повеќе нивни работни места беа префрлени во развиените земји, што ја зголеми тамошната нестабилност.
Локалците тука јадат регионален деликатес познат како скара, кој се подготвува од ребра од свињи, и зависат традиционална занаети како земјоделие и произведување авиони. Регионалниот центар за трговија локално е познат како Сент Луис, именуван по францускиот крал од 13-от век, наследство од историјата на Мисури како далечен и насилен дел од француската империја.
Иако улиците на Фергусон во петокот останаа мирни, во воздухот виси опипливо чувство на тензија и несигурност. Тукашните претставници на кинеската амбасада одбија да коментираат, меѓутоа ги поттикнаа двете страни да покажат воздржаност и да го почитуваат владеењето на законот. Во Москва, планерите на Кремљ наводно се подготвуваат за воена интервенција во случај насилствата да се преселат во соседниот нафтен регион, Тексас.