Потврдата за изјавата на Тина Меквин доаѓа од три нејзини колешки кои биле на состанокот, а ставот на Меквин е дека не кажала баш така, но сепак се извинува за шегата.
Меквин објаснува дека на состанокот „низ муабет реков дека ’кога жени ќе дојдат на моја возраст, веќе не мора да се грижат дали ќе бидат сексуално нападнати’.“
„Само се зафркавав на моја сметка. Жалам што дадов таква забелешка и се извинувам,“ дополнува Меквин.
Нејзините колешки негираат и тврдат дека таа буквално изјавила „во моментов би убила за да бидам малку сексуално малтретирана“.
На состанокот на крајот од февруари присуствувале 9 високи членови на партијата. Друга поплака околу Меквин е што таа била решена да ја затвори дискусијата околу предложениот нов кодекс на однесување на партијата. Зборувајќи за другите аспекти на кодексот еден од коментари на Меквин е „а ајде да зборуваме за тоа дека жени не треба да се опијануваат.“
Коментарите доаѓаат во време кога владата на Австралија е сред серија проблеми со сексуални напади, во кои прво јавниот обвинител е обвинет за силување, а потоа излезе и видео од млад вработен во австралискиот парламент, како има сексуални односи со друг маж во кабинетот на една пратеничка.