Јахав Лихнер, поранешен израелски офицер, ја злоупотребувал службената функција во Фондот на Обединетите нации за население (UNFPA) за да пренесува доверливи материјали до Израел и да го известува за сите средби и настани што може да имаат влијание врз војната во Газа во 2014 година и окупацијата на Западниот Брег.
Ова го тврди DropSite, кој имал увид во протечени електронски пораки од поранешниот амбасадор на Израел во ОН, Рон Просор, кој го туркал Лихнер кон повисоки позиции во организацијата. Пораките биле објавени на веб-страница за споделување на материјали од свиркачи, откако биле хакирани од „Хандала“ - група за која се верува дека е поврзана со иранските разузнавачки служби.
„Само за вашите очи. Не препраќајте“, вообичаено предупредувал Лихнер во пораките до Просор и до дипломатот Рони Лешно-Јаар.
На пример, во 2015 година испратил доверлив извештај за посетата на Вашингтон на Зеид Раад Ал-Хусеин, тогашниот Висок комесар на ОН за човекови права, кој спроведуваше истрага за израелските воени активности во Газа. Пишувал за неговите приватни средби со претставници на Белата куќа, службеници од Конгресот, организации за човекови права и сенатори, вклучувајќи го и Линдзи Греам, кој го опишал како „нашиот пријател“.
Во 2014 и 2015 година Лихнер постојано им доставувал на израелските претставници внатрешни документи на ОН, извештаи од приватни средби, материјали пред нивното официјално објавување и други политички разузнавачки информации – вклучително и документација означена како „строго доверлива“. Овие информации им овозможувале на израелските власти да ги прилагодат своите кампањи за лобирање кај американската влада, и да ги поткопуваат иницијативите на ОН кои ги сметале за неповолни за Израел.

Функционерите на ОН имаат статус на меѓународни државни службеници. Внатрешните насоки на организацијата строго им забрануваат на функционерите да пренесуваат какви било информации до која било „влада, субјект, лице или кој било друг извор, ако тие информации им станале познати врз основа на нивната службена положба“.
Кога ќе станете дел од ОН, обврзани сте да ѝ служите на организацијата, а не на земјата од која доаѓате. Потпишувате документ со кој потврдувате дека сте станале функционер на ОН и, следствено, прифаќате обврска за доверливост и на служење на интересите на организацијата наместо на која било земја-членка, објаснува Чарлс Петри, поранешен висок дипломат на ОН и помошник-генерален секретар.
Сепак, тој додава дека во ОН не постојат систем на последици за протекување информации.
Во американската влада, кога ќе оддадете информација, всушност вршите кривично дело бидејќи сте ги прифатиле условите под кои имате пристап до различни нивоа на информации. Такво нешто не постои во ОН. Таа институција нема внатрешна одговорност. А колку повисоко се искачувате, толку помала е одговорноста, додава Петри.

По периодот на кој се однесува преписката, Лихнер остана во системот на ОН и продолжи да работи на прашања што се уште потесно поврзани со израелските интереси. Во 2016 година беше привремен претставник на UNFPA во Британија, а до 2019 година беше виш советник во УНИЦЕФ. Подоцна бил главен советник на Вишиот координатор на ОН за хуманитарни прашања и обнова на Газа. Во јуни 2024 година разговарал со американски претставници за хуманитарните операции во Газа и за спроведувањето на Резолуцијата на Советот за безбедност, со која се повикуваше на зголемена помош за Газа. Сега е директор на канцеларијата на УНИЦЕФ во Вашингтон.
Не постојат никакви докази кои би потврдиле дека неговата улога на крт продолжила по 2015 година, ниту пак дека УНИЦЕФ знаел за преписката кога бил поставен на функцијата.
Просор од 2022 година е амбасадор на Израел во Германија.