Според државната агенција Viginum за борба против дигитално мешање од странство, тројца високо рангирани кандидати на левичарската партија LFI биле жртви на насочена кампања за дезинформација и саботажа: Франсоа Пикемал во Тулуз, Себастијан Делогу во Марсеј и Давид Гиро во Рубе.
Покрај крадењето лозинки од профили на социјалните медиуми, биле поставени и манипулирани рекламни транспаренти на популарни платформи – на модната апликација Vinted, на играта Candy Crush и на новинската страница La Dépêche du Midi, која бележи милиони кликови дневно. Во Марсеј, кампањата против Себастијан Делогу опфаќала лепење QR код што води до лажен блог во кој е обвинет за сексуален напад.
Истрага на француските разузнавачки служби, како и заедничкото истражување на весниците Либерасион и Хаарец, откриваат дека валканата кампањата била водена од нејасен ентитет BlackCore, регистриран лани во август во Израел. Според француските власти, BlackCore е „порта“ кон многу посложена мрежа на компании, во која се Galacticos и SNI Digital, управувани од Дорон Афик.
Нема докази за вклученост на израелската влада, но LFI е еден од најгласните француски критичари на политиките на Бенјамин Нетанјаху. Партијата на Жан-Лук Меланшон, долго време ја осудува војната на Израел во Газа како геноцид и ја повикува ЕУ да го суспендира договорот за асоцијација со Израел и да ги запре сите испораки на оружје.
Притисокот од јавноста е насочен кон владата на Емануел Макрон, откако весникот „Ле Канар еншане“ откри дека Координативна мрежа за заштита на изборите (RCPE) го „цензурирала и го тргнала настрана“ официјалниот извештај за мешањето на Израел.
Шефот на комисијата, назначен од Макрон, побарал цели пасуси од извештајот да бидат редактирани од страв дека публикациите би можеле да послужат како политичка појдовна точка за левичарската партија, пишува Ле Канар еншане.
Обвинувањата за политичка манипулација на избори од Израел не се ништо ново. Во 2023 година, меѓународен конзорциум од новинари ја разоткри тајната израелска компанија Team Jorge. Предводена од поранешни воени и разузнавачки офицери, групата како услуга продавала „геополитичко влијание“. Преку хакерски напади и армија од 39.000 лажни профили, таа инфилтрирала гласови низ целиот свет, манипулирала избори во Кенија и Каталонија, па дури и тајно вметнувала содржина во програмите на францускиот информативен канал BFM-TV.