Израел воведе смртна казна за Палестинци

Израелскиот парламент усвои закон со кој смртната казна со бесење се воведува како задолжителна казна за смртоносни напади. Но, има уште еден услов: мотивот на тој напад да бил „крај на постоењето на Израел“. Тоа практично значи дека смртна казна ќе се изрече за Палестинците, но не и за еврејските Израелци кои извршиле слични злосторства.

Законот наложува  егзекуција со бесење во рок од 90 дена од изрекувањето на пресудата.

Можно е да се одложи но без право на помилување.

Се остава можност и за изрекување доживотна казна затвор наместо смртна казна, но само во „посебни околности“ кои не се дефинирани..

Израел ја укина смртната казна во 1954 година. Единственото лице погубено во Израел после цивилно судење беше Адолф Ајхман, архитект на нацистичкиот холокауст, во 1962 година.

Мерката ја промовираше Итамар Бен-Гвир, крајно десничарскиот министер за национална безбедност, кој во пресрет на гласањето носеше значки во облик на јамка.

„Ова е ден на правда за убиените, ден на одвраќање за непријателите“, рече Бен-Гвир во парламентот. „Кој ќе избере терор, избира смрт“.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди законот како кршење на меѓународното право и обид за заплашување на Палестинците.

„Ваквите закони и мерки нема да ја скршат волјата на палестинскиот народ ниту ќе ја поткопаат неговата непоколебливост“, се вели во соопштението на неговата канцеларија. „Ниту пак ќе ги одвратат од продолжување на нивната легитимна борба за слобода, независност и воспоставување независна палестинска држава со Источен Ерусалим како главен град“.

Законот го осудија и израелски групи за човекови права укажувајќи дека се работи за институционализирање на дискриминацијата и расистичко насилство врз Палестинците.

Палестинските милитантни групи Хамас и Исламски Џихад ги повикаа Палестинците да започнат напади како одмазда за законот.

Околу 54 земји низ светот ја дозволуваат смртната казна, вклучувајќи пар демократии како што се САД и Јапонија. Амнести Интернешнл вели дека глобалниот тренд е нејзино укинување и тоа го имаат сторено 113 држави. 

31 март 2026 - 11:17