Израел почна со бомбардирање да решава палестински хакери

Пред три години НАТО го прогласи „сајбер“ како официјално воено поле на модерното војување. Пред некој ден Израел за прв пат свика помош од воената авијација во справување со сајбер проблеми.

Како што обично бива израелската авијација се истури на палестинска територија, а зградата што ја срушија наводно била користена од „сајбер оперативци на Хамас, кои се впуштиле во сајбер напад на израелскиот сајбер простор“.

„Цело време сме пред нив. Секогаш кога ќе пробаат да направат нешто, не успеваат,“ изјавил првиот човек на одбранбената сајбер дивизија на израелските вооружени сили.

Неговата изјава е надополнета од портпаролот на израелската војска:

„Откако се справивме со сајбер димензијата, авијацијата се справи со физичката димензија.

Во моментов Хамас нема оперативни сајбер способности.“

Нападот на Израелците е карактеристичен и затоа што се случува во реално време, за време на сајбер напад кој се уште е во тек, а не по месеци планирања и стратегии.