Непознатиот крадец се паркирал со камион во фабриката на Милка во Австрија, им покажал на тамошните магационери фалц документи и товарил 20 тони чоколадо или 200.000 чоколади (ова е по австриски курс каде 1 чоколадо уште е 100 грама, по македонски курс, каде 1 чоколадо девалвираше на 80 грама, излегуваат 250.000 чоколади).
Објаснувањето е дека кражбата е резултат на многу претурање во европската логистика на Милка. Пратката од Австрија требала да оди за Белгија. Како што доликува фабриката превозот и го дала на локална австриска компанија, по што австрискиот транспортер турата ја префрла на унгарска компанија, која пак на крај ангажира чешка компанија за да го изврши транспортот.
По сето ова, кога во фабриката во Блуденц се паркира камион од чешка регистрација, вработените без никаков сомнеж ги товараат пакетите чоколади.
Како што може да се очекува пратката никогаш не стигнала до крајната дестинација, а се уште како исчезнати се водат и камионот и возачот. И чоколадите.