Комисијата за петиции на британскиот парламент утврди дека има најмалку 77 илјади гласови кои се лажно додадени, а потоа отстранети. На Твитер комисијата објави дека ќе продолжи да ја следи активноста.
Правилата се дека петицијата може да биде потпишана само од британски државјани и жители на Обединетото кралство. Анализата покажува дека меѓу потписниците има луѓе од Исланд, Кајманските острови и Тунис. Посебен е случајот со Ватикан, каде од популација од 800 жители, има над 39.000 потписи. (Можноста да се гласа од други држави е оставена заради британските иселеници или граѓани што работат вон островот.)
Претседателката на комисијата за петиции, Хелен Џоунс, порача дека потписите што ќе бидат откриени дека се лажни, ќе бидат отстранети од вкупниот број потписници на петицијата.
Технички на сајтот на кој се потпишува петицијата, единствениот "тест" на идентитет што треба да го минеш е да штиклираш едно поле во кое потврдуваш дека си британски граѓанин или дека си жител на Британија. Откако ќе го штиклираш ова, од тебе се бара само да го внесеш твојот поштенски број.
Иронијата околу петицијата е што таа е почната уште во мај од поддржувач на кампањата за заминување од ЕУ. Тој ја започнува затоа што во тоа време анкетите покажуваат дека кампањата за напуштање на ЕУ ќе изгуби.
До неделата на пладне петицијата собра 2,5 милиони потписи кои се од Британија. Британскиот парламент е должен да дискутира за секоја петиција со над 100.000 потписи.