Интересен пакт:

Истокот се прераспоредува

Пакистан, Турција и Саудиска Арабија - американски сојузници со мнозинско сунитско население, потпишаа одбранбен договор со кој се обврзуваат на воена солидарност ако било која од нив биде нападната. Иако трите земји негираат, Пактот е јасно насочен против шиитскиот противник Иран, кој како победник во војната со САД е спремен да го прошири своето влијание врз регионот.

Трите нации делат загриженост поради сè поагресивните воени закани од Израел и од изразено шиитската Револуционерна гарда на Иран, додека нивниот долгогодишен сојузник САД бара начини да ја заврши војната и да го намали присуството во регионот на Персискиот залив.

Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан тврди дека Договорот од Мека не е насочен против било која земја во соседството, туку е отворен за да се придружат сите што сакаат да го зајакнат механизмот на одвраќање од каква било агресија. Како прв потенцијален кандидат за идно членство го спомна Египет.

НАТО е гигантски воен сојуз во кој има 32 земји. Тука почнуваме како три земји и мора да преземеме скромни, но конкретни чекори, изјави Фидан.

Ријад, Исламабад и Анкара објаснуваат дека пактот содржи клаузула слична на Членот 5 од Повелбата на НАТО за колективна одбрана – напад врз која било од трите земји, ќе се смета за напад врз сите. Сепак, не се објавни детали за обврските на секоја земја и што ќе се смета за праг по кој ќе биде активирана заедничкиот одговор. Ќе биде формиран министерски комитет сличен на оној на НАТО, како и генерален секретаријат лоциран во Саудиска Арабија.

Три од највлијателните држави во муслиманскиот свет се здружуваат во момент на зголемена неизвесност, што ја покажува растечката подготвеност на регионалните и средните сили поблиску да се координираат за прашањата поврзани со безбедноста. Трилатералниот формат би можел да ја зајакне колективната дипломатска и одбранбена тежина на трите земји, истовремено придонесувајќи за воспоставување безбедносна архитектура што во поголема мера ќе биде водена од регионалните актери, изјави Абдулазиз Сагер, претседател на Истражувачкиот центар за Заливот.

Турција ја поседува втората по големина воена сила во НАТО. Саудиска Арабија е дом на најсветите места во исламот и еден од водечките светски извозници на нафта, додека Пакистан е единствената муслиманска земја што поседува нуклеарно оружје.

Иако Пакистан минатата година склучи договор за меѓусебна одбрана со Саудиска Арабија, тој не одговори воено на нападите на Иран врз Кралството. Владата во Исламабад, исто така, ги отфрли шпекулациите дека нејзиниот нуклеарен одбранбен капацитет би можел да се прошири и на сојузниците.

Иако Турција и Пакистан, кои се на периферијата на Блискиот Исток, избегнаа значителни директни напади од Иран, двете земји се загрижени и сакаат да ги смират конфликтите што ја загрозуваат нивната сопствена безбедност и економии. За Саудиска Арабија, тригодишните конфликти на Блискиот Исток го загрозија извозот на нафта и амбициозните планови за развој, а истовремено покренаа сериозни прашања за доверливоста на долгогодишниот безбедносен чадор обезбедуван од САД.

Пакистан со децении обезбедува обука и техничка помош за саудиските сили и распореди околу 8.000 војници, борбени авиони, беспилотни летала и систем за противвоздушна одбрана во Кралството. Со Турција разменува воени бродови и авиони за обука. Саудиска Арабија, пак, е голем купувач на беспилотни летала од Турција.

Бурџу Озчелик, виш истражувач за безбедност на Блискиот Исток во организацијата RUSI, изјави дека договорот не е насочен кон конфронтација со Техеран.

Мислам дека целта е всушност спротивна. Пактот е фокусиран на создавање противтежа на иранската хегемонија во регионот и одвраќање, вели Озчелик.

9 август 2026 - 09:50