Освен брутално владеење и ригидни рестрикции за жените, талибанската власт во Авганистан овозможи регрупирање и засилување на озлогласената терористичка организација ИСИС.
Оваа милитантна сунитска групација во Авганистан моментално обучува илјадници војници и веќе имаат извршено над илјада убиства во стотици напади, извршени со подметнати експлозиви, самоубиствени мисии и слично, таргетирајќи најчесто шиитски муслимани со хазарско потекло.
Најновиот бран насилство беше мотивиран со настаните после седми октомври во Газа и првично беше смислено да се мава по еврејските заедници но подоцна малку ја проширија рамката. Последната кампања на Исис им се вика „Кајшто ќе ги најдеш, убиј ги.“
Годинава нивен најсмртоносен атак беше двојниот самоубиствен бомбашки напад во Иран во кој загинаа над 100 луѓе на споменикот на Касем Сулејмани, врховен командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда. Иранската влада првично го обвини Израел за нападот, но американските разузнувачи тврдеа дека имаат прилично јасни информации дека зад нападот стои авганистанското крило на Исис.
Поранешен авганистански функционер за безбедност проценува дека Исис допрва ќе расте во Авганистан, каде Американците во својата хаотична бежанија од таму оставија тони оружје.
Доколку Талибанците продолжат ефективно да им дозволуваат да се стационираат во Авганистан, Исис набргу повторно ќе ги покаже своите глобални амбиции за создавање Калифат секаде кадешто живеат муслимани.
Талибанците го минимизираат проблемот во обид за добивање меѓународно признавање за нивната влада и привлекување инвестиции во пропаднатата економија уништена од санкциите. Тие се обидуваат да се прикажат како доверлив партнер во борбата против тероризмот, иако се чини дека продолжуваат да одржуваат блиски врски со Ал Каеда и Техрик Талибан Пакистан (ТТП), дозволувајќи им на милитантните групи да се мобилизираат, регрутираат и тренираат на авганистанска територија.
Засега успеаја да ја подотворат вратата само со Кина која насочи одредени инвестиции во нафтениот и рударскиот сектор, а неодамна станаа прва земја што официјално прифати акредитивни писма на талибански амбасадор.
Според последниот извештај на ОН, од 2022 година групата презела одговорност за над 190 самоубиствени бомбашки напади во поголемите градови во регионот, што резултирало со над 1.300 жртви.