Инвеститори пумпаат милијарди во индустријата за дронови

Ефикасноста на новото евтино оружје на боиштата во Украина и во Персискиот залив не само што темелно го промени начинот на војување, туку и предизвика револуција во одбранбената индустрија. И додека владите купуваат тенкови и авиони, инвеститори од ризични фондови вложуваат милијарди во стартапи што произведуваат автономни дронови и чамци.

Приватни компании од одбранбениот сектор годинава веќе добиле инвестиции од 12,3 милијарди долари од фондови за ризичен капитал. Тоа е речиси двојно повеќе од истиот период лани и за 25% повеќе од вкупните инвестиции во целата 2025 година.

Сведоци сме на веројатно најголемата промена на начинот на кој се војува. Инвеститорите веруваат дека ова е сектор што долгорочно ќе носи пари, вели Даниел Шлумбергер, шеф од одделението за безбедност на ЏП Морган за Европа.

Оружените системи од новата генерација се поевтини и побрзи за производство. Особено војната на САД и Израел против Иран покажа дека скапите проектили и масивните системи за противвоздушна одбрана не мора да обезбедат доминација на фронтот. Блокадата на Ормускиот проток, исто така, го зголеми фокусот на обезбедувањето на виталните поморски и копнени патишта низ кои поминуваат глобалните синџири за снабдување со суровини.

Ова не е моментална возбуда. Потребите за одбранбени технологии е многу реален, објаснува Шонел Малани од во групата за приватен капитал Адвент Интернешнл.

Бумот е силно концентриран во САД. Американските стартапи годинава привлекле 11,4 милијарди долари. Речиси една половина од таа сума завршила во Андурил, кој произведува дронови и кули за надзор. Компанијата ја дуплираше својата вредност на 61 милијарда долари. Капитал од ризични фондови привлекле и Сароник, специјализиран за автономни чамци и Шилд АИ, кој произведува летечки дронови.

Кај европските стартапи за одбранбена технологија завршиле 460 милиони долари. Британскиот Кракен технолоџи, кој произведува автономно управувани чамци за лов на мини, очекува 100 милиони долари. Во билансот за првото полугодие не се вклучени зделките што се во завршна фаза, како инвестицијата од 1,2 милијарди долари во германската компанија за дронови Хелсинг. Се вложува и во вселенската технологија за одбрана. Финско-полскиот производител на сателити Iceye добил 1 милијарда евра само во текот на овој месец.

Првичнот инвестициски бран беше за обнова на европскиот арсенал за бојното поле. Фокусот сега е на обезбедување на синџирот на снабдување... чиповите што го движат сè на фронтот, без разлика дали станува збор за сензори, електронско војување, врвни модели со ВИ. Европа мора да застане на свои нозе, вели Миколај Фирлеј, коосновач на еден од најголемите европски фондови за ризичен капитал фокусиран на одбранбена технологија.

Тој додава дека континентот сè уште има „сериозни празнини во капацитетите“, особено за разузнавање и надзор.

23 јуни 2026 - 14:40