И тие што не го можат Трамп, му ги сакаат политиките

Бидејќи претседателските избори првенствено не (треба да) се избор на личност туку на програма, идеи и проекти, Трамп има уште работа да ги прошири симпатиите за себе, но неговите политики имаат сериозна поддршка и меѓу оние кои имаат проблем со неговата личност. Особено за миграцијата и трансџендер прашањата.  

Фото: ЕПА

Само 10 отсто од Американците се против ветувањето на претседателот Доналд Трамп дека ќе ги депортира илегалните имигранти со криминални досиеја, покажува анкета на Ипсос за Њујорк Тајмс. Спротивно на тоа, речиси консензуални 87 проценти ги поддржуваат таквите депортации.

Само 19% силно се против тоа да бидат депортирани топтан сите имигранти кои дошле илегално во САД. Со ист интензитет за такви депортации се 56%.

Огромна поддршка, без разлика на партиските афинитети, имаат конзервативните политики за трансџендер прашањата.

Речиси 80% од Американците се против тоа на мажи да им биде дозволено да се натпреваруваат во женски спортови, без разлика како се идентификуваат. И меѓу демократите таквите се во мнозинство, со 67%.

Само 10% немаат проблем лекарите да припишуваат хормонски терапии и блокатори на пубертет на млади од 10 до 18 години. 71% се многу против тоа. Нешто поголем процент од тоа, 77 проценти мислат дека општеството отишло предалеку во тоа да им угоди на транс лицата.

60 отсто од Американците сметаат дека земјата треба да посветува помалку внимание на конфликтите во странство и да се зафати со проблемите дома. Мало мнозинство од испитаниците, 51 процент, мислат дека САД испраќаат преголема помош за Украина а приближно ист процент (53 %) тоа го мислат за парите кои одат во Израел.

Генерално, Американците се длабоко сомничави во политичкиот систем, без оглед на политичката припадност. Дури 72 отсто рекле дека власта главно работи за себе и за корист за елитите, а 59% сметаат дека политичкиот систем не функционира со децении. 41 отсто не очекуваат политиката на Трамп да направи голема разлика во нивните животи.

19 јануари 2025 - 10:22